РЕПОРТАЖА
Архипелаг на советскиот терор
„Утрински весник“ на познатите Соловетски Острови
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
Анзер, Соловетски Острови - Соловетскиот Архипелаг кој се наоѓа во Белото Море се најпознати руски острови. За нив како „училиште на советското мачење“ пишуваше нобеловецот Александар Солженицин во „Архипелагот Гулаг“, па со самото тоа доволно е за тие релативно мали острови во Русија да знае секој образован човек. Илјадници луѓе таму страдаа само затоа што не веруваа во Сталиновата власт.
Иако до Соловетските Острови е многу комплицирано да се стигне, во последниве неколку години се' поголем е бројот на млади луѓе, како и верници кои доаѓаат да ги посетат „островите на страдањето“, но и да ја видат недопрената природа. Минатата година Соловетските Острови ги посетија 25.000 туристи и 10.000 верници.
Дописникот на „Утрински весник“ тргна со мала група руски новинари кои на гости беа поканети од монасите кои постојано живеат и работат таму. Од Москва тргнавме со авион на север од Русија во градот Архангелск, кој особено во зима честопати се спомнува поради ниските температури. Во негова близина се наоѓа и Северодвинск, гратче во чии пристаништа се градат огромните руски подморници.
И кога од Архангелск требаше да тргнеме за Соловетските Острови почнаа да ни го одложуваат летот, бидејќи таму имало густа магла. По повеќечасовно одложување на летот, на крајот ни рекоа дека мора да преспиеме во Архангелск. Тоа беше можност да го видиме и тој град, кој во времето на СССР беше затворен за странци. Тој по ништо не се разликува од многуте градови изградени во времето на СССР. На главниот плоштад се наоѓала зградата на локалното раководство на Комунистичката партија, а подоцна во неа се преселиле раководителите на новите руски власти. Повеќето од зградите се петкатници кои Русите ги нарекуваат „хрушчоби“, бидејќи почнале да се градат во времето на владеењето на Хрушчов. Архангелск е центар на тој дел од Русија, во него има факултети, па на улиците може да се забележат многу млади луѓе.
Утредента имавме подобра среќа. На аеродромот во Соловках се крена маглата и малиот авион со пропелер за 45 минути стигна до островите. Надлетувавме мали и поголеми острови на кои расте зимзелена шума, но на нив нема патишта, па ниту луѓе. Може да се забележи понекоја куќа по должината на брегот. Во таа сурова клима на човек му е тешко да живее во дивина, без разлика колку таа и да е убава. Аеродромот на Соловках е како од филмовите кои покажуваат егзотика. Пистата е направена уште во советско време од положени метални издупчени плочи. Само 300 метри од аеродромот се наоѓа древен храм кој во времето на Сталин бил претворен во затвор. На кривулестите улици има малку луѓе, главно минуваат туристи и верници. Сега на Соловетските Острови живеат само 1.006 луѓе. Мнозинството живее од туризам. Триесетината монаси, кои навистина гостопримливо не' пречекаа, повеќе сакаат мир и спокој отколку туризам. Затоа велат дека најомилен дел од годината им е кога на островот се само постојаните жители. Во лето до најголемиот остров може да се дојде и со брод или брз чамец. Во зима единствено еднаш неделно само со авион, бидејќи морето се замрзнува.
Постоеја амбициозни планови за развој на туризмот. Меѓутоа, се побунија оние кои сметаа дека таму не смеат да се градат никакви забавни паркови и други туристички атракции, бидејќи тие острови и понатаму „зрачат“ со тага. Во манастирот велат дека би било најдобро Соловетските Острови да се претворат во центар за верскиот туризам.
На најголемиот остров во Соловетскиот Архипелаг, во 15 век, храмот почнале да го градат тројцата монаси Зосим, Саватиј и Герман. Благодарение на големиот ентузијазам, направен е голем храм со дебели ѕидини кои штителе од силниот студ. На тие оддалечени острови непослушните во прогон прво почнала да ги испраќа Екатерина Велика. Таа таму меѓу другите го испратила и атаманот на Запорожје, Пјотр Калнишевски кој во „силка“ поминал дури 25 години и починал кога имал 112 години. По Октомвриската револуција во 1917 година, манастирот бил затворен, бидејќи „болшевиците“ сметале дека „религијата е опиум за народот“ и големо зло. Тој бил претворен во логор во август 1923 година. Црквата доби ново име СЛОН - што значеше Соловетски логор за посебни намени. Во почетокот таму имало околу 70 отсто бездомници на возраст од 12 до 20 години. Тие главно биле собирани од улиците на Москва и Ленинград. Другите биле „народни непријатели“. Советската власт во почетокот сакала да ги превоспита и тие не биле мачени. Таму биле доведувани и непослушните монаси кои не сакале да престанат да веруваат во бога. Покрај нив биле префрлувани и белогрдејците. А подоцна и други политички затвореници.
Соловецките острови се прибежиште на монасите веќе шест века
Иако знаел дека на Солковках има затвореници, познатиот писател Максим Горки за време на престојот во 1929 година напиша: „Мене ми се чини дека треба да има повеќе такви логори како на Соловетските Острови“. Веројатно на Горки му раскажувале како затворениците се воспитуваат и културно издигнуваат, со цел „да се постават на вистинскиот пат“, а за нивните страдања не станувало збор. Колку што повеќе се зајакнувал Сталиновиот полициски терор, Соловетскиот Архипелаг се претворил во жестоко мачилиште. Веќе во 1932 година властите повеќе не дозволувале никакви богослужби на Соловетските Острови. Манастирот на Секирна Гора во 1937 година станал казнен изолатор. Се спиело на бетонски под, а за да се загреат, казнетите како сардини се припивале еден до друг. Чаша слаб чај делеле тројца затвореници.
За тортурата на Секирна Гора пишуваа познатите Александар Солженицин и Олег Волков. Долги години преживеаните не смееле ниту на своите најблиски да им раскажат што се' преживеале. Најголемиот терор се случил во 1937 и 1938 година. Токму на Соловетските Острови бил „увежбуван“ стравичниот логорски систем кој подоцна бил раширен и на други делови од СССР. Затворениците доаѓале од сите краишта на СССР, но најмногу од Ленинград и Москва каде што злогласната НКГВ, тогашната тајна полиција, неуморно апсела луѓе. За да ослободуваат места за други затвореници големи групи биле носени на стрелање. Додека едни добивале куршум в чело, други умирале од глад и студ.
Кога е лето и грее сонце на Соловетските Острови е многу убаво, бидејќи нема индустрија и природата е недопрена. Меѓутоа, штом ќе залади се чувствува суровоста на северот. Додека од најголемиот остров пловиме со мало бротче кон Анзер, поминуваме и покрај други острови на кои, исто така, имало логори. Одлично се гледаат објектите кои ги граделе мачениците. Властите сакале затворениците да бидат од корист, па така ги терале „да придонесуваат со својата работа“, иако тие биле и психички и физички скршени.
На островот Анзер, каде што сега е изграден убав храм на највисокиот врв кој се вика Руска Голгота, во тие триесетти години умирале не само монаси. Таму полициските власти ги префрлувале оние затвореници кои веќе биле тешко болни. Значи, тој бил остров за умирање. Низ прилично густата шума монасите и затворениците до храмот изградиле пат. Новиот храм добил навистина вистинско име Црква на новомачениците. Тој е симбол на страдањето на рускиот народ.
На островот Анзер монасите дошле во 18 век. Во така тешки услови таму била изградена камена црква. Од ноември до април островот Анзер е под мраз, па нема никаква пловидба. Монасите се молат, а храна подготвуваат од продуктите што ќе ги донесат наесен. Во периодот од 1920 до 1930 на островот Анзер се наоѓала болницата за затвореници на СЛОН. Таму монасите и другите затвореници биле фрлани во јама преку која само е нафрлано земја. Организаторите на првиот советски логор веројатно мислеле дека никогаш нема да се дознае вистината. Меѓу починатите има и стотина руски монаси.
Дури во 1999 година во суровите услови на островот Анзер е обновен монашкиот живот. Благодарение на претседателот Владимир Путин, во 2001 година Соловетскиот манастир и Анзер и' се вратени на Руската православна црква. Потоа многу млади луѓе доброволно на лето доаѓале да работат на обновувањето на црковните објекти, а на Анзер е изградена и нова навистина убава црква на Руската Голгота.
Сега сите историски споменици на Соловетскиот Архипелаг се под заштита на УНЕСКО. На младите кои доаѓаат таму честопати не им е јасно како луѓето можеле толку бездушно меѓусебно да се казнуваат. Така, едно девојче со детски ракопис напишало: „Не верувам дека овде биле логори и дека се стрелани луѓе кои биле апсени во 1937 и 1938 година. Зарем навистина можеле да се прават такви ѕверства?“
За жал, кога советските полицајци на Соловетскиот Архипелаг ќе го извежбале својот начин на работа, во другите логори во северните и источните делови на СССР се случувале уште поужасни ѕверства. Логорашите во времето на Сталин не се сметале за луѓе, туку само за непријатели кои додека можат треба да работат, а потоа или ги убивале или ги пуштале да умираат од тешки болести во најтешки маки. |