Новиот закон за градба ги олабави инвеститорите
Законот ги продолжи роковите за завршувањето на објектите и им купи време на инвеститорите уште неколку години
Сања Наумовска
Новиот закон за градба целосно ги релаксираше инвеститорите во Скопје. Иако летото е дел од годината, кој градежниците со нетрпение го очекуваат, во главниот град чеканите не се слушаат надалеку. Законот ги продолжи роковите за завршувањето на објектите и тоа за оние од прва и од втора категорија до десет години, а за оние од трета до шест години и на инвеститорите им купи време уште неколку години да ја развлечат изградбата.
На градилиштето на хотелот и на трговскиот центар зад „Рамстор“ ништо не се случува со месеци. Македонската јавност немаше можност да го запознае инвеститорот на хотелот, поточно претставникот на британската фирма „ХЛХ МК ЛТД“, која е фирма-ќерка на англиската хотелска групација „Резидор хотел груп“. Иако започнаа со градежни работи пред повеќе од две години, дупка зјае и на местото на трговскиот центар на „Елан пропертис“, веднаш до несудениот хотел „Резидор“. Нема абер ниту од изградбата на затворениот зелен пазар на локацијата каде се' уште се наоѓа Цветниот пазар. Фирмата „Камфуд“ парцелата ја купи лани во јули и плати 725.000 евра за земјиштето од 3.710 квадратни метри. Но, досега за пазарот во кој требаше да има и маркет од синџирот „Кам“, како и мини цветен пазар, нема фрлено ниту прва лопата.
За странската инвестиција „Ера сити“, каде беше најавен центар на 10 ката и на површина од 28.000 квадратни метри, јамата е ископана пред две години, а партнерот што треба да ја финансира инвестицијата се' уште се бара. Министерството за транспорт и врски, за „Ера сити“ не го мери ни времето ни роковите, бидејќи, како што велат, земјиштето не го продала државата. Пред повеќе од една година започна и изградбата на трговско-деловниот комплекс на местото на некогашната Народна банка, на „Кеј 13 Ноември“. Непосредно до него се гради и пешачкиот мост на Вардар, „Око“. Очигледно е дека градежните работи не се одвиваат со предвидената динамика, што за граѓаните практично ќе значи дека и во следните четири години ќе имаат ограничен пристап на кејот.
Причина за продолжените рокови, според објаснувањето од Министерството за транспорт и врски, е светската економска криза. Измените во законот беа имплементирани минатата година во октомври. Така, наместо за две години, објектите од трета категорија во кои спаѓаат повеќето од веќе започнатите проекти низ градот, сега може да се завршат за шест години.
„Министерството постапи во насока на реализирање на сите антикризни мерки предвидени за ресорот транспорт и врски. Во однос на мерката број 6, која се однесува на усогласување на Законот за градежно земјиште и на Законот за градење, во поглед на роковите за градење, беа усогласени договорите за отуѓување на градежно земјиште, согласно со новите рокови“, информираат од Министерството.
Законот важи ретроактивно, значи ги опфаќа и градбите што се започнати или за кои започнала процедурата за собирање документација пред неговото изгласување. Правниците коментираат дека оваа ситуација, без разлика дали прави застој во инвестициите, е законска, бидејќи, секој закон важи ретроактивно ако неговите одредби се поповолни за странката.
Новиот Закон за градба дојде како спас за инвеститорите и помпезно најавуваните инвестиции, од кои некои се и странски. За два проекта, хотелот „Резидор“ и трговскиот центар до него, доколку важеа роковите од стариот закон, досега Министерството за транспорт и врски ќе требаше да ја одземе земјата и да ја наплати банкарската гаранција со која инвеститорите ја осигуриле својата инвестиција. Вака, изградбата се пролонгира за уште четири години, значи вкупно шест години, што за објекти од трета категорија, во кои спаѓаат училишта, спортски сали, хотели и локални патишта и улици, е навистина непотребно долг рок. |