Приведени осуммина нелегални производители и дистрибутери на алкохол
Во полициската акција наречена „Аперитив“ биле приведени лица од повеќе градови во државава
Дури шестмина од осумтемина осомничен за неколку кривични дела завршија во Истражниот затвор во Шутка откако вчера во раните утрински часови заврши истрагата за нив. Приведувањето уследи по спроведена координирана акција на МВР за откривање нелегално производство, шверц и продажба на алкохолни пијалаци, извршени од организирана криминална група од подрачјето на Скопје, Струмица, Битола и од неколку други градови во државава.
Полициската истрага, водена под оперативно име „Аперитив“, се спроведувала цели седум месеци, а биле применети и специјални истражни мерки. Полицијата извршила претрес во 21 објект во Скопје, Битола, Куманово, Струмица, Виница, Кочани, Радовиш и во Штип. Се проверувале домовите на членовите на криминалната група, но и осум продавници во споменатите градови. При извршените претреси биле пронајдени и одземени поголема количина шишиња, разни фалсификувани марки од узо „тсантали”, вотка „смирноф”, „апсолут”, „вигор” и „балтик”, брендито „бадел”, вискито „балантајн”, но и шток, вињак, џин, рум и разни видови ракија. Била пронајдена и празна амбалажа од 678 шишиња за узо, бренди, вотка, мастика, шток, повеќе видови ракија, како и пет полни и 13 празни туби и 56 пластични шишиња. Освен алкохол, пронајдени се и одземени нотеси за евиденција на должници, компјутери, 206 офсет-плочи, фолија, 16.455 отпечатени етикети, 12.800 акцизни маркички, како и три патнички возила, а во Скопје и во Куманово биле запечатени и четири објекти.
Одделот за организиран криминал поднесе до Обвинителството кривична пријава против Н.С.(31) од Скопје и неговиот брат С.Н.(26) за кривични дела злосторничко здружување, фалсификување исправа, недозволено производство и за дела од Законот за акцизи. Со пријавата се опфатени и битолчанецот М.П.(35), сопственик на печатницата „Полиграфика“, како и лицата А.Д.(32) од Струмица, С.Д.(47) од Штип, И.Б.(47) од Радовиш, Р.М.(45) од Виница и С.Д. (25) од Куманово.
Според МВР, браќата, М.П., А.Д. и С.Д., во текот на минатата и оваа година, функционирале како добро организирана група која организирала нелегално производство и дистрибуција на алкохолни пијалаци и печатење етикети на брендови со што ја оштетиле државата за 144.270 денари, а со производството и продажбата на нелегално произведениот алкохол, се стекнале со имотна корист во висина од 55.200 денари. (Љ.С.) |