Започна судењето на полицајците од граничниот премин Ќафасан
Првообвинетиот Дритон Ајро, ги отфрли обвинувањата за формирање злосторничка група и за примање поткуп
Љубиша Станковиќ
Со распит на првите четворица, меѓу кои и првообвинетиот Дритон Ајро (32), раководител на смена на Полициската станица - Граничен премин „Ќафасан“ и син на Неџат Ајро, член на Судскиот совет, во скопска „единица“ започна судскиот процес кој се води против 16 лица обвинети за злосторничко здружување и за примање поткуп.
Имено, за споменатите кривични дела освен споменатиот Дритон Ајро, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги товари и лицата: Ристо Јанков (48), Баки Каба (47), Оливера Верушевска (36), Борче Тодоровски (25), Олег Ќабасоски (30), Беса Жута (28), Аџи Ајази (28), Миливој Ангелески (47), Артан Положани (27), Муса Куштрим (28), Беким Махмути (25), Дарко Влаќески (41), Благојче Ризманоски (28), Будимир Коцев (48) и Ристо Буклиоски (31).
И покрај тоа што судијата Горан Бошевски го започна процесот неисилено, сепак, тој беше принуден да го казни адвокатот Мирослав Вуиќ. Имено, нервозната реакција на адвокатот беше поради појавувањето на нашиот фоторепортер. Тој стана од место и започна да објаснува зошто се противи на фотографирањето. За неговите реакции, на неколку пати, судот го опомена, а кога тој продолжи да говори, му беше изречена парична казна од 500 евра во денарска противвредност.
Само малку пред инцидентот, судијата Бошевски ги извести сите присутни во салата дека судот располага со нови докази што треба да им ги приложи на бранителите на обвинетите, а адвокатот Јован Јоанидис побара судот да ги достави и транскриптите од разговорите, кои како докази биле изведени во истрагата, но тогаш не им биле поделени на бранителите.
Својата одбраната Дритоа Ајро ја започна со денот на неговото приведување. Според раководителот на смена на граничниот премин „Ќафасан“, со неговото лишување од слобода му биле укинати човековите права и слободи, дотолку повеќе што апсењето било спроведено незаконски.
„Министерството за внатрешни работи не докажа ништо, но јас сум тука да ја докажам својата невиност. Никогаш не сум организирал група, ниту некому сум издал наредба да стори кривично дело и не сум барал или сум примил поткуп. Овде за цело време се тврди дека сум барал поткуп од патници, а со ништо не се кажува од кои патници и колку пари ми биле дадени“, рече првообвинетиот Дритон Ајро. Тој појасни пред судот дека уште најмалку тројца од обвинетите се раководители на смена, но дека тие не ги одредуваат смените, туку дека тоа е работа на командирот и на неговиот заменик. Ајро рече дека заштитениот сведок е лажен. Своето тврдење го поткрепи со тоа дека на 7 мај оваа година, за кога се товари дека примил поткуп, воопшто не бил на работа, односно дека тој ден бил во Скопје во посета на својот татко и дека се дружел со негов пријател, инаку вработен во Агенцијата за разузнавање. Ајро рече дека заштитениот сведок не ги познавал доволно вработените на ГП „Ќафасан“ и дека за еден таксист рекол дека е полицаец. Прашан за парите што им биле пронајдени, тој рече дека станува збор за средства што ги собирале вработените и со нив се купувала храна од еден маркет во Струга. На крајот од своето сведочење, Дритон Ајро рече дека ги отфрла сите точки од обвинителниот акт.
Со вакви и слични кажувања излегоа и обвинетите Јанков, Каба и Верушевска. Тие пред судот посведочија дека немало примање поткуп, дека граничниот премин е под 24-часовен видеонадѕор, дека сите вработени знаеле за камерите што се инсталирани во служените простории каде што, наводно, и се делеле парите. |