Истрага за издаден лажен пасош во МВР
Тројца вработени од Пасошко во Скопје се осомничени дека му издале документи на странец што дал лажни податоци
Љубиша Станковиќ
Тројца вработени во Пасошкото одделение во Скопје се најдоа под истрага, откако минатата недела било утврдено дека го одобриле издавањето лични документи на странец што дал лажни податоци. Според пријавата, тие му издале биометриски пасош на српски државјанин, со привремен престој во Кондово, на кој тој успеал да вметне лажни податоци. Потоа со пасошот, преку аеродромот „Александар Велики“, ја напуштил земјава.
Тројцата вработени во Одделението за управни работи при СВР-Скопје, И.Ф.(26), А.С.(51) и И.А.(26) завчера беа изведени пред истражен судија, поради сомневање дека ги злоупотребиле службената положба и овластување. Јавното обвинителство бара и истрага за странскиот државјанин Суфијан Хунели, кој е во бегство, а за него е одреден 30-дневен притвор. Како што дознаваме, јавниот обвинител првично доставил и предлог за притворање на тројцата од Пасошко, но подоцна го повлекол. Поради тоа, истражниот судија по распитот на тројцата донел решение да им се изрече превентивна мерка редовно јавување во судот, а им биле задржани и патните исправи.
Според МВР, тројцата вработени во Одделението за управни работи му издале лична карта и пасош на Хунели, а тој дал лажни податоци на момче од Арачиново. Целата приказна почнала да се одмотува кога арачиновецот минатата недела дошол во МВР за да извади нова лична карта. Службите провериле во компјутерот и утврдиле дека на негово име веќе се издадени документи. Веднаш била направена проверка, тој донел и дополнителни документи за да го потврди својот идентитет, по што бил откриен пропустот.
Според МВР, Суфијан Хунели (19) на 18 август поднел барање за добивање лична карта, во кое внел лажни податоци на лице од Арачиново. По десетина дена поднел и барање за вадење биометриски пасош.
„И во ова барање тој ги внел генералиите на арачиновецот. Ваквите документи Хунели ги искористил за да се качи на авион на аеродромот „Александар Велики“ и во почетокот на септември да ја напушти земјава“, велат во МВР.
Според нив, вината на И.Ф., референт за патни исправи и фотографирање за лична карта, е тоа што го примил барањето за издавање лична карта и без да побара документ за идентификација со фотографија на барателот, го фотографирал Хунели, а потоа изготвил и апликација на која била вметната неговата слика.
Референтот-одобрувач, односно второосомничениот С.А., одобрил изготвување на пасошот, но не проверил дали на барањето има таксени марки и дека уплатницата гласела на трето лице. И.А., инаку референт за примање барања за патни исправи, примил барање за издавање пасош без да изврши проверка на документацијата, а недостасувале и таксени марки. Тој, наводно, не извршил проверка и на налогот за уплата на 4.500 денари што го доставил странецот, а гласен на трето лице.
„Тој, и покрај тоа што не смеел да го прими барањето за изготвување патна исправа, сепак, извршил фотографирање и изготвил апликација за изготвување патна исправа“, велат од МВР.
|