Ја здувнале од затвор кога снемало струја
Четворица притвореници го искористиле моментот кога снемало струја за да избегаат од тетовскиот затвор
Даниела Трпчевска Гојко Ефтоски
Тетово – Четворица притвореници ја здувнале завчеравечер од тетовскиот затвор, искористувајќи го моментот кога сиот град поради дефект остана без струја. Селајдин Селим (22) од гостиварското село Дебреше, Шани Исмаили (18) од Тетово, Дели Илјази (21) од тетовско Доброште и Вејсел Ибраими (21) од Форино, Гостиварско, го искористиле мракот како сојузник. Тие најпрво ја отвориле вратата од ќелијата, го извадиле катанецот кој не бил заклучен и со него ја отвориле и втората метална врата. Откако го прескокнале заштитниот ѕид на затворот, кој се наоѓа во самиот центар на градот, избегале по улиците. Полицијата успеала да го фати Вејсел Ибраими, но по неговите цимери од ќелијата се' уште се трага. Поведена е иницијатива за разрешување на директорот на тетовскиот затвор, Асим Бајрами, а дисциплинска одговорност ќе биде поведена и за надлежните од чуварската служба.
Бегството се случило околу 21 часот откако градот цело деноноќие немаше струја поради дефекти. Како што дознаваме, се' се случувало во трите ќелии на приземјето на Притворското одделение. Според непотврдени информации, безбедносните камери, поради немање струја, не работеле.
„Притвореникот Севдали Салиу успеал насила да го отвори задниот дел од вратата на ќелијата каде што престојувал и со подавање на раката успеал да го извади незаклучениот катанец. Потоа ја отворил и втората метална врата со која се обезбедува притворската ќелија“, велат од Управата за извршување санкции.
Според сознанијата, притворениците, помагајќи си меѓу себе, успеале да го прескокнат ѕидот и да побегнат. Полицијата успеала да го приведе Вејсел Ибраими, додека останатите тројца се во бегство. Во Притворското одделение бил уште еден притвореник, кој не се обидел да избега.
„Околу 21 часот, при бегство од тетовскиот затвор, фатен и приведен е В.И. од гостиварско Форино. Подоцна е пријавено дека од Притворското одделение избегале уште тројца затвореници. Екипа од СВР - Тетово, со истражен судија и јавен обвинител, извршија увид и се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на избеганите затвореници“, информираат од СВР - Тетово.
Поради несовесно и нестручно работење, веќе е доставен предлог за разрешување на директорот на затворот во Тетово, а против одговорните службени лица во установата е поведена дисциплинска постапка.
Севдали Салиу од селото Дебреше се наоѓал во притвор поради тешка кражба, како и Шани Исмаили од Тетово, кој извршил повеќе тешки кражби. Дели Иљази од село Доброште има подебело полициско досие. Тој треба да одговара за противправно лишување од слобода, грабнување и силување.
Поради последното бегство, министерот за правда, Михајло Маневски, донел наредба која е испратена до основните судови од Апелационото подрачје во Гостивар. Со неа децидно се укажува дека лицата притворени за дела за кои е пропишана казна затвор над десет години или потешка казна и повторителите на кривични дела мора да бидат сместени во затворот во Скопје, каде што безбедноста е на повисоко ниво.
Ова не е прво бегство од тетовскиот затвор. Во август годинава од затворот побегнал албански државјанин притворен поради убиство. По него е распишана потерница, но се' уште е во бегство. Во април 2009 година се обеси притвореник во тетовскиот затвор, а во сеќавањето на јавноста остана и мистериозната смрт на кичевскиот новинар Владо Танески, кој беше пронајден мртов во кофа со вода, токму во притворската ќелија на овој затвор. |