Низ космичките лавиринти на душата
(За претставата „Спиноза“ од Гоце Смилевски, во режија на Зоја Бузалковска, со Васил Зафирчев во главната улога)
Петре Бакевски
Еве претстава. Како што треба. Возбудува, разнесува. Брехтовски ангажира, поттикнува на целосен мисловен ангажман. „Спиноза“ на Гоце, на Зоја, на Зафирчев... На Малиот битолски театар, на Баге, на Скопско лето... Фала богу, најпосле да ни се случи вистински театар. Долго време посакуван, а многу време крајно отсутен. А насушен. Неопходен... Чекан како необјаснивата магија на небесното чекање на Годо. Овој сценски „Спиноза“ е граден врз оригиналниот драмски текст од истоимениот веќе култен роман на Гоце Смилевски. Објавен е во првото издание на романот, на крајот, како драмски додаток на прозниот исказ. Гоце Смилевски отвори нова страница во нашата современа проза, во нашата литература. Тој означи нов генерациски бран. Нов сензибилитет. И веројатно стана симбол на новото македонско време кое проклето и брложно тапка в место зад големиот татнеж на новите глобалистички вредности што силно ги заплискаа сите архипелази на здравата мисла, освен македонската оаза на фрустрациите и на зајазлената судбина. Затоа и појавата на театарскиот „Спиноза“ е исклучително значаен чин. Како и романот пред многу години.
Сега, пак, тука е и - Зоја Бузалковска. Се' е во нејзините режисерски раце. Генерациски изгледа тука е некаде, со Гоце. Заедно, на иста бранова должина. На иста растегната усвитена жица. На иста мака, на исти вжарени тегоби во душата. И дилемите и искушенијата им се исти. Од ист жичен кафез на премислите ѕиркаат кон светот. Бараат заеднички одговори што ги нема, се' им е тесно, малечко небо, мала земја, згрчена средина, малодушност, рамнодушност, врзани раце, немоќ, сронати илузии, изгубено право на мечтаење. А добро знаат, се' е - потрага. Упорно барање. Истражување. Не во надворешниот свет. Во себе, во својата душа, во нескротената бесконечност на духот, не во примамливите надворешни предизвици на сетилата, на допирот, во дишењето, туку во мислата, во длабоката реч, во сознајното филозофско убедување која страна на животот да се избере. И така трескавично да се изврви врвицата на живејачкава за да се стигне во големите ѕвездени пространства на вистината. Можно е, искуството на Спиноза го докажува тоа.
Зоја Бузалковска сосем точно, јасно и прецизно знаела што истражува. Таа се обидува живо, сценски ефектно, згустено, расчленото, а сепак театарски атрактивно и уверливо, во една сценска фурија, во еден здив повторно да го одигра животот на контроверзниот филозоф. Ја користи сценската форма на акробацијата да ни приреди необичен, атрактивен сценски израз. Можеби е циркус, можеби е арена, можеби е ри��г! Можеби! И целиот простор така го осмислува. Тоа е затворена соба, шатор, строго ограничен симболичен простор, во него, среде, еден кревет, околу креветот шаховски црно-бели полиња со расфрлани шаховски фигури. Многу симболи, можност за жива и впечатлива игра. Трапез, одење по греда... Исечките од живописот на Спиноза се интересни. Избирани се оние места и оние епизоди од неговиот живот кои најоригинално и најинтересно, со сите контроверзи, го отсликуваат неговиот лик. Неговата длабока и напати чудна, несфатлива тврдокорна мисла. Неговиот упорит филозофски став.
И тука се редат дилемите, искушенијата и неизвесностите. Судирите со - судбината. Спиноза бара мисловни одговори на многу прашања. За човекот, за Бога, за љубовта, за родот и за породот, за среќата и осаменоста, за смртта и за смислата на животот, за вредностите на ограниченоста на животот, за минливоста, за разликите меѓу материјата и формата, за славата на бесконечноста и вечноста. Сето тоа минува низ душевната состојба на Васил Зафирчев. Па да, тоа треба актерски да го осмисли, да го открие, да го покаже, да не' увери во внатрешниот психолошки проток на една човечка напластена материја која се прекршува низ космичките лавиринти на душата. И кој сето тоа би го артикулирал на таков суптилен начин, со голема еруптивна актерска внатрешна енергија, ако не оригиналниот и живожарен Зафирчев. Како да имаше атомска сила во себе. Како зад секој изговорен збор да го откриваше и другото двоумно значење на тој збор, на изречената мисла. Слоевит во изразот, во речитоста, темпераментен во исказот, задлабочен во мисловните пластови, пластичен во физичките реакции и рефлекси, усвитен, потпален во напрегнатоста на сите телесни вибрации и пулсирања на телото, како да сакаше да излезе од човечката кожа само за да ги докаже и да ги одбрани насетените, откриените и самоуверливите филозофски и човечки убедувања. Васил е - гром. Силен, моќен, апсолутен владетел на ликот и на сцената. Емотивен во страдањето, силен во убедувањата, непоколеблив во искушенијата. Платената цена за овој оригинално оформен и впечатливо осмислен лик на Спиноза само тој си ја знае. Капките пот од неговото чело ги доживував како груменчиња злато што ни ги упатуваше нам, на занемената, очудено замолкната, но брехтовски фатената публика во стапицата што Зоја ни ја беше подметнала тајум да ѕиркаме во запалената арена на животот, а всушност, себеси да се наоѓаме во преиспитувањето и на нашите животни уверувања и постапки.
Се' околу Спиноза беше во функција на испитување на неговите ставови и на неговиот живот. Ликовите на Дарја Ризова (Клара Марија) и на Катина Иванова (мајката на Спиноза) силно ја надополнуваа другата страна на ликот на Спиноза. Неговиот очај, приватните емоции, промашените можности за избор од животната понуда. Дарја Ризова - сјајна, полетна, расцветана во изразот, модиљански заруменета, замечтаена во љубовта, росно цвеќе, со излив на искрени емоции, се' направи да навиваме за неа, а сепак да ја доживееме трагично, како отфрлен дар од небесните градини на љубовта и убавината. Дарја Ризова, о, боже, колку чудесно игра!
Претставата кулминира, со силен емотивен набој, низ изречените, искрени и болни исповеди, искази и соочувања на Спиноза со мајка му. Преку играта на искусната и апсолутно суверената Катина Иванова, низ нејзиниот растревожен и исповеден говор, таа ја воздигна претставата до заокружен возбудлив театарски чин што цели кон високите уметнички резултати. Низ трепетливото акцентирање на секој болешлив, таговен но длабоко полнокрвен збор за нивната заедничка судбина, за душевните страдања и урнатите мостови на заедничката љубов, особено искреното мајкино жалење по „изгубениот“ син, Катина Иванова оствари потресен лик со кој ги приподигна нашите приливи на емоции до степен на своевидна катарзичност... До болни и тивко придушени воздишки во себе. Катина е тоа, нема што.
Петар Стојановски како Акробатот одлично ја раздвижуваше играта, полетно, живо, динамично, атрактивно. Во истата функција беа и Борче Начев (Јохан) и Александар Степанулески (Јахве). Костимите на искусната и потврдена Лила Грабул и' дадоа особен белег и сјај на претставата. Целата опрема (музиката на Оливер Јосифовски, сценографијата на Тодор Дајевски, планираните места за публиката, камерниот стеснат и ограничен „воајерски“ простор), е всушност една целина, една идеја, една претстава. Сите се внатре, во вриецот на животот. Силна, модерна, современа, претстава со рафиниран и суптилен сензибилитет на авторите што ја создавале. Претстава со наплив од метафори, асоцијации, пораки, дилеми и искушенија, претстава што го развиорува знаменцето на една цела созреана интелектуална генерација која сака вистински да го чувствува своето време. Имаат право на тоа. Ако никој не им го даде тоа, сами треба да посегнат по тоа што творечки им припаѓа. Претставата - охрабрува. |