Харфа и флејта на „Скопско лето“
��о Даут-пашиниот амам вечерва во рамките на „Скопско лето“, со почеток во 20,30 часот, концерт ќе одржат Елена Шумановска – харфа и Анета Димитриевска – флејта.
На програмата се дела од Џ. Пери, В. Поп, М.Глинка, Г. Пиерне, К. Дебиси, М.Турние, Д. Воткинс, Ф. Годфроид, А.Пиацола.
Елена Шумановска која работи во оркестарот на МОБ како солист харфист, дипломирала на Факултетот за музичка уметност - Скопје и е на постдипломски студии во Софија, во класата на професор Малина Христова. Два пати е наградувана со специјалната прва награда на Државниот натпревар на ученици и студенти по музика во Македонија, а е добитничка и на награди на меѓународни натпревари. Веќе одржала неколку самостојни рецитали во Скопје и два пати настапувала како солист на симфонискиот оркестар при МБУЦ. Посветена е на промовирање на композитори - харфисти важни за напредокот на харфистичката техника на современата харфа, но се навраќа и на класичните форми.
Анета Димитриевска во моментот работи во Воениот оркестар на АРМ, на позиција флејта и пиколо. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност- Скопје, во класата на проф. Страшо Темков. Добитничка е на повеќе награди на државно и на меѓународно ниво, меѓу кои се и двете специјални први награди и една прва награда на Државниот натпревар во Македонија. Учествува на многубројни концерти, фестивали и продукции низ земјава со оркестри, камерни состави и како солист. (К.Б.) |