Студентите обвинуваат дека нивниот глас е замолчен
Случајот со радиото ја изнесе на површина политичката обоеност на студентските организации
Жаклина Хаџи-Зафирова
Педесет илјади евра официјално беше причината поради која Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ донесе одлука за затворање на студентското радио Студент ФМ, кое функционираше едвај една година по неколкугодишен застој. Високите хонорари за студентите ги премислиле професорите на Универзитетот, кои пресекле и решиле радиото да престане со работа, барем привремено. Укинувањето на единствениот медиум кој студентите го имаа во изминатава година им ги скрати и надежите дека можат да им парираат на своите европски колеги, каде што гласот на студентите „се слуша“. Некогаш студентите можеа да се пофалат не само со свое радио, туку и списание, кое колку-толку го отсликуваше студентскиот живот, а сега тие се буквално замолчени со тоа што немаат никаков начин да допрат до јавноста.
Случајот „Студентско радио“ повторно ја изнесе на површина политичката обоеност на студентските организации. Тие наместо да застанат во одбрана на студентското движење, кое по редот на нештата треба да биде најпрогресивната сила во општеството, тие продолжија да си испраќаат отровни стрели. Нашите студенти се' уште се занимаваат со изнесување на валканите алишта, додека нивните колеги во Грција покажаа што значи студентско движење во моментот кога ја зазедоа државната телевизија и, прекинувајќи ја програмата, повикаа на протести.
„Радиото беше последниот студентски медиум кој остана жив. Тоа беше последното место каде што студентите можеа слободно да се изразат. Студентите имаат и поголеми проблеми од слободата на гласот. Но, ако нема каде да ги кажат проблемите, залудно е се'“, вели студентот Андреј Анчевски, кој работел како технички продуцент во Студент ФМ. За затворањето н�� радиото не добиле образложение. За него е чудно што Ректоратот донел одлука за затворање на радиото за кое добиле позитивни оценки од Советот за радиодифузија. Анчевски се прашува дали е можно одлуката да е со политичка заднина или станува збор за злоупотреби во распределбата на пари од страна на универзитетската администрација. „Работевме со најосновна радиоопрема и немаше големи трошоци. Нашите хонорари беа околу 100 евра, а не повеќе како што се тврди. Со затворањето на радиото можеби сме единствената држава во Европа каде што нема студентско радио“ објаснува тој.
Во Младинскиот образовен форум, кој го поддржа студентскиот протест, сметаат дека затворањето на радиото е загрозување на студентскиот говор.
„Не можеме да ја дознаеме вистинската причина за затворање на радиото. Ова гаснење и задушување на студентската мисла им гази на стапала на студентите“, изјави Александар Стојановски од МОФ. Тој додава дека Универзитетот треба да размисли каде ќе стаса со ваквите постапки, бидејќи претходно била скратена и можноста за одржување вистински ораторски вечери со тоа што на студентите им било дозволено да имаат говори на претходно изготвени текстови. Па, затоа, студентите одржале други ораторски вечери надвор од Универзитетот.
Се разгорува ли повторно војната на Младинскиот образовен форум со Студентскиот парламент, кој не застана во одбрана на студентите, туку ги осуди нивните постапки? Првиот човек на парламентот, Самоил Малчевски, ги обвини студентите од радиото дека подготвувале неквалитетна програма, предводени од професорот на студиите за новинарство Веле Смилевски. „Студент ФМ го изгуби концептот и се претвори во пензионер ФМ. Радиото не е укинато, туку привремено не емитува програма додека не се најде форма на финансирање и програмска шема“, е ставот на Малчевски. Според него, радиото изгубило смисла со поставувањето на Смилевски за главен и одговорен уредник со што се сменила и програмската шема на радиото, која повеќе не била интересна за студентите. Но, тој смета дека со укинувањето на радиото, не се замолчуваат студентите.
Ректорот на Скопскиот универзитет, Велимир Стојковски, уверува дека радиото не е укинато и дека се бараат модалитети за негово повторно активирање. Тој објаснува дека причината за затворање на радиото била потрошените 50 илјади евра за оваа година, како и високите хонорари и трошоците за мобилни телефони, кои им биле исплаќани на студентите. Став на ректорот е дека никој не им пречи на студентите на новинарство да имаат практика во радиото, но за тоа не треба да им се исплаќаат хонорари во износи од над десет илјади денари. |