И МВР и Хисен Џемаили ја чекаат одлуката за притвор
Од судот велат дека решението за притвор е доставена до МВР и до пратеникот Џемаили
Светлана Унковска
Одлуката за притворот на пратеникот на ДУИ, Хисен Џемаили, заглави во лавиринтите на процедурите. Од МВР вчера тврдеа дека ќе постапат по судската наредба кога ќе ја добијат, а од судот, пак, велат дека судското решение за притвор на пратеникот е доставена до Министерството.
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во саботата доцна вечерта заседаваше и одлучуваше за притворањето на двајцата пратениците на ДУИ.
Претседателката Добрила Кацарска рече дека е потврдена потерницата и притворот за Џемаили обвинет за случајот „Мавровски работници“, а пратеникот Хајрула Мисини ќе се брани од слобода. Мисини треба да одговара за случајот „Липковска брана“, но овој предмет се' уште е во фаза на истрага. Судијата Седат Реџепагиќ одлучи да го повика Мисини на распит и по дадениот исказ тој го оставил дипломатскиот пасош во судот, по што и притворот му бил повлечен.
„МВР ќе постапи по судската одлука и најновата наредба, така што ќе бидат преземени сите неопходни мерки за пронаоѓање на пратеникот Хисен Џемаили и негово спроведување во истражниот затвор“, изјави вчера портпаролот Иво Котевски.
По ова, и натаму останува неизвесно дали и кога ќе биде притворен Џемаили или и натаму ќе чекаат тој сам да се јави во Притворското одделение во затворот во Шуто Оризари.
Тој вчера и натаму беше во својот дом во тетовското село Вејце и, како што ни рече, чекал да му биде доставена судската одлука за притвор.
„Чекам да добијам решение за притвор. Засега само слушнав од медиумите за одлуката, но се' уште немам добиено ништо. Доколку добијам такво судско решение, тогаш ќе одлучам како ќе постапам, друг коментар немам“, ни изјави Џемаили.
Во истовреме, истражниот судија Реџепагиќ вели дека одлуката била испратена, но за него е прашање дали тој ја примил.
„Сигурно е дека одлуката е испратена, но друга работа е дали од негова страна таа е уредно примена.
Но, како и да е, тука имаме правосилно решение за притвор и активна потерница и ако тој самиот не се јави, тогаш органите на прогонот треба да го приведат“, вели Реџепагиќ.
Од СДСМ оценуваат дека ова е само потврда дека коалиционата криза на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се решава со политички пазар.
„Се' уште не е познато кога пратеникот Џемаили ќе почне да ја издржува мерката притвор во истражниот затвор. Немаше лисици, апсење, забавни СМС-пораки од портпаролот на МВР до медиумите, притисоци и јавувања од министри, спроведување на обвинетите во судот пред телевизиски камери. Претпоставуваме зошто? Затоа што обвинетите не се ниту членови ниту функционери на СДСМ“, изјави Емилијан Станковиќ од СДСМ. Според него, власта, од една страна, се фали со наводна борба против корупцијата и криминалот, а, од друга страна, „ја клекна државата на колена“.
„Цената на политичкиот пазар меѓу Груевски и Ахмети ја плаќаат сите граѓани. Ова е само почеток. Фактурата за ова допрва ќе стигне“, истакна Станковиќ.
Инаку, доцна вечерта во петокот, еден час пред полноќ, беше закажана итна собраниска седница која траеше до два часот изутрина, а на која беше одлучено да им се симне имунитетот на двајцата пратеници. Ваквата одлука следуваше откако неколку часа претходно Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, речиси без никаква дискусија, реши да не расправа за одземање на имунитетот на пратениците на ДУИ, бидејќи, како што рече претседателот на оваа комисија, Александар Николовски, расправата била беспредметна затоа што пратениците самите се изјасниле дека уредно ќе се јавуваат на судските рочишта и нема да се повикуваат на пратеничкиот мандат.
Со сосема поинаков тек, пак, беше собраниската седница, на која беше одобрен притворот за двајцата пратеници на ДУИ. Опозицијата остро реагираше и го прашуваше претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, зошто ја закажа седница толку доцна во ноќта и зошто е потребата од толкава итност. Додека од собраниската говорница обвинуваа дека сето ова е само една обична фарса и политички театар, пратениците од мнозинството упорно молчеа. Никој од нив не се јави за збор.
Зачудуваше и однесувањето на пратениците на ДУИ, кои долго време молчеа. Единствено при крајот на седницата Ермира Мехмети рече дека хашките предмети можат да бидат процесуирани во земјава благодарение на тоа што во времето ДПА беше на власт беше донесен Законот за соработка со Хашкиот трибунал.
Против одлуките за симнување на имунитетот на двјацата пратеници беа само тројцата пратеници од Нова демократија. Пратениците на ДУИ воопшто не гласаа.
|