Тутунски комбинат во Прилеп избегна стечај
Долгогодишните долгови на Тутунски спрема Фондот за ПИОМ ги плати државата
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Владата ги плати огромните и долгогодишни долгови на прилепскиот Тутунски комбинат спрема Фондот за ПИОМ. Околу 1.200 се вработени надеваат дека компанијата, конечно, се спаси од стечај. Така тврди и новиот менаџерски тим, иако остануваат и натаму огромни финансиски проблеми кои се вистинска кочница во работата. Според информациите, во новата структура на капиталот, кој сега е вреден околу 94 милиони евра, државата располага со над 70 отсто наспроти поранешните 45,5 проценти акции. А, вработените и пензионерите располагаат со едвај 15 отсто од капиталот. Сепак, како што велат менаџерите, акцијата ја задржала номиналната вредност од 50 евра.
„Практично, државата го реши проблемот за да не одиме евентуално во стечај. Само ни призна одредени долгови, ги откупи и ги конвергира во траен влог. Понатаму цела одговорност е на менаџерите на Тутунскиот комбинат и на сите вработени“, вели директорот Жарко Христоски. Тој тврди дека вработените не треба да стравуваат за својата работна судбина, зашто никој нема да биде избркан од работа, ниту принудно ќе биде прогласен за технолошки вишок.
„Од ниту еден вработен не се откажуваме. Нема присилно технолошки вишок, нема присилно бркање од работа, само доколку работниците си ги почитуваат правата и обврските. Оние што сакаат да заминат од фирмата како технолошки вишок, слободно, законот за сите важи“, истакнува Христоски.
Ова ветување практично ги симнува тензиите и ја стопира долгогодишната агонија на вработените кои постојано живееја во страв дека ќе останат на улица зашто секој момент висеше стечајот на Комбинатот. Но, сепак, финансиските проблеми на фирмата не завршија.
Според Христоски, ревизорска куќа го чешла работењето на ексраководниот тим до 2008 година, која според завршната сметка евидентира загуби од 8,4 милиони евра. Остануваат и обврските за исплатата на хипотекарните кредити во банките во вредност од околу 14 милиони евра. Но, менаџерите тврдат дека имаат сигурна стратегија и визија, Комбинатот да застане на здрави нозе.
„Излезот на компанијата го гледаме во зголемената реализација на цигари на домашниот пазар, а ќе најдеме извозници на цигари во регионот или подалеку. Со д.о.о.е.л. ’Тутун‘ треба да најдеме средства да инвестираме во нова технолошка опрема, бидејќи тука долгорочно Тутунски комбинат, односно државата како тутунопроизводствен регион треба да откупува, произведува и продава поголеми количества ор��енталски тутун. Така и девизните приливи би биле зголемени“, вели Христоски.
Остануваат обврската и напорите на Комбинатот за заокружување на финансиската конструкција за набавка на новата технолошка линија за која се потребни 2,2 милиона евра. Оваа инвестиција треба да ги отвори капацитетите на компанијата за производство на лиценцирани брендови цигари кои ќе ги задоволат потребите на многу потенцијални деловни партнери.
Што се однесува на прашањето за конечна приватизација на Комбинатот и со години најавуваниот стратегиски инвеститор, кој ќе ги реши еднаш за навек сите проблеми во фирмата, првиот менаџер вели дека не му е познат ставот на Владата. Но, Христоски има свои размислувања за ова прашање.
„Убеден сум дека Комбинатот може да излезе од кризата и затоа сите заложби и напори ги вложуваме во тој правец. Мислам дека на Компанијата не и' е потребен стратегиски инвеститор. Набавката на новата современа технолошка линија ќе значи отворање нови сигурни перспективи за компанијата“, смета Христоски.
Оптимисти се и вработените. Тие веруваат дека откако Владата плати поголем дел од долговите, нема да дозволи компанијата да оди во стечај, што како „социјална бомба“ би предизвикал страшни турбуленции и зголемување на армијата од околу 25.000 невработени прилепчани за уште 1.200 нови. |