Парите за битолски „Пелистер“ отишле во приватна фирма
БИТОЛА - Наместо на Фудбалскиот клуб „Пелистер“, 4.000 евра од општината каса завршиле на сметката на фирма со слично име. Со вакви обвинувања излезе битолската опозиција откако Советот донесе одлука на клубот по вторпат да му се доделат уште 3.500 евра од општинскиот буџет. Прашањата колку и како битолската локална самоуправа го помага фудбалот под Тумбе-кафе отворија жестока политичка дебата со обвинувања за криминал.
Либералдемократите од Битола, потпирајќи се на фактите објавени во општинскиот „Службен гласник“, тврдат дека 250.000 денари, што со одлука на Советот на општината требаше да легнат на сметка на ФК „Пелистер“ завршиле во касата на фирмата „ДОО ФК Пелистер 09“ од Битола.
„Носиме одлука да се финансира ФК ‘Пелистер‘, а вие парите ги префрлате на приватна фирма со исто име. Кој стои зад ова кривично дело треба да истражи МВР. Од ветувањата за европски клуб ‘Пелистер‘ го сведовте на агонија“, обвини Горан Милевски, советник од ЛДП во Битола.
Претседателката на Советот на општина Битола, Лилјана Кузмановска, која истовремено е претседателка и на Комисијата за финансии и буџет, ваквите обвинувања од опозицијата за криминал со парите од граѓаните ги доживува како лична навреда. Притоа рече дека најверојатно станува збор за техничка грешка во објавувањето на текстот во „Службен гласник“.
„Доколку сакате нешто лично мене да ме обвините, ќе излезете во медиумите. Јас не сум ниту потписник на сметка. Јас носам одлуки исто како вас. Немојте целата негативна енергија да ја насочувате кон мене. Во Комисијата за финансии едногласно ја донесовме одлуката, се' им е точно дадено на службите“, објасни Кузмановска.
На ова Милевски само кусо реплицираше. „Почитувана претседателке, не може за секој пропуст во општина Битола да ги обвинувате службите. Ќе излезе дека службениците во општината се најголемите криминалци“, додаде Милевски.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Тасковски, кој истовремено е и потпретседател на ФК „Пелистер“, се обиде да објасни дека парите од општината биле префрлени на друга фирма, бидејќи сметката на клубот подолго време е блокирана. Стравувале дека наместо помош за фудбалерите парите прво ќе ги земат оние на кои клубот им должи.
Според опозицијата, помошта што општината им ја дава на фудбалерите е во спротивност со законските одредби во кои децидно е разграничено што претставува спортски клуб, а што друштво со ограничена одговорност.
„Ние не сме против помагањето на клубот. Но, тоа нека биде транспарентно. Никој не гарантира дека тој директор на ДОО нема да се полакоми по парите. И можеби ќе ги насочи таму каде што тој ќе ��мета дека е потребно“, рече Валентин Груевски, советник од ЛДП. (А.Б.) |