„Бела ноќ“ в сабота во Скопје
Изложби, концерти, перформанси, спектакли и модна ревија, се дел од случувањата на четвртата по ред „Бела ноќ“ што ќе се одржи в сабота. Како што истакна Тања Балаќ од Град Скопје, на вчерашната прес-конференција, манифестацијата треба да испрати порака до граѓаните да бидат горди на културните вредности што опстојуваат со векови на оваа почва.
Свеченото отворање на „Белата ноќ“ ќе биде во 20,15 часот пред Музејот на град Скопје, а во 22,30 часот на плоштадот „Македонија“ ќе настапи германската сензација „Фламен“ со претставата „Да, и водата гори“. Стрит-бол натпреварот помеѓу 21 екипа ќе биде одржан во спортската сала „Орце Николов“, а доколку временските услови бидат лоши, и другите манифестации предвидени на отворен простор, освен спектаклот на „Фламен“ и полноќната ревија ќе бидат префрлени во затворен простор. Влезот ќе биде слободен, а ЈСП обезбеди бесплатен градски превоз од 19 до 24 часот. |