Министерствата одделно ќе одлучуваат за ингеренциите на Тодоровски

Советот на вонредна седница одлучи за барање за привремено одземање на ингеренциите на градоначалникот
Хипотетичко е прашањето кои и какви ингеренции ќе има градоначалникот Кирил Тодорвски доколку министерствата, секое надлежно во својата област, му ги одземат ингеренциите или дел од нив. Вакви барања Советот на општината реши да достави до девет министерства.
„Барањата се' уште се изготвуваат и очекувам во текот на денешниот ден да бидат дистрибуирани на соодветните адреси“, ни изјави вчера Сашо Петковски, претседател на Советот, кој на вонредна седница одлучи да поднесе барање за привремено одземање на ингеренциите на градоначалникот Тодорвски поради се' уште активниот судски процес против него и нарушената здравствена состојба.
Од Министерството за локална самоуправа вчера објаснија дека секое министерство, врз основа на направениот увид во актуелната ситуација во Општината и работењето досега, ќе утврди дали ќе го прифати барањето на Советот. Привременото одземање на ингеренциите ќе може да изнесува максимум една година, што во случајов значи доколку се искористи законскиот рок, градоначалникот до крајот на својот мандат ќе биде блокиран да ја извршува функцијата.
Од градоначалникот на Аеродром, Кирил Тодоровски, вчера, до затворање на весникот не успеавме да добиеме коментар во врска со барањето на Советот.
Инаку, досега на Општината на неколку месеци и' беа одземени ингеренциите во областа на образованието, заради непочитување на законите во однос на именувањето на раководните лица во образовните институции. Воопшто во државава, ова е прв случај Совет да побара одземање на ингеренциите на градоначалникот и тоа речиси во сите области на функционирање на општината. (Дс.Т.) |