Ајвар може да се прави и пред зграда, но само ако има заграден двор

Се' што не е заградено се смета за јавна површина и таа не смее да се валка
Сања Наумовска
Ајвар може да се прави во двор на куќа или на зграда, но само ако е заграден од другата јавна површина, го толкуваат стручњаци новиот Закон за јавна чистота. Според нив, се' што се прави на приватно земјиште е право на сопственикот, а ако во дворот со направи ѓубре, тој сам ќе си го исчисти.
Законот забранува валкање на улиците ,тротоарите, велосипедските патеки, кејовите, плоштадите и мостовите. Не смеат да се валкаат ниту парковите, тревниците, рекреативните објекти и пазарите, кои исто така се јавна површина.
Што се однесува до зградите, околу кои досега вообичаено се правеше ајвар, па граѓаните најмногу се прашуваат и се во недоумица што по донесувањето на новиот Закон за јавна чистота, експертите велат дека куќниот совет има право да го загради дворот што и' припаѓа на секоја зграда, а станарите можат да го откупат согласно со Законот за приватизација на градежно земјиште. Во оградениот простор граѓаните можат да прават ајвар или други активности кои се забранети на јавна површина.
Но, ако не е заграден дворот на зградата, се' околу неа се смета како јавна површина, па за овие активности може да се заработи казна од минимум 50 евра. Тоа, со други зборови, значи дека во Скопје, освен кај неколку исклучоци на згради во Аеродром и Ново Лисиче, кои имаат дворчиња, никој друг не смее да стави ќумбе во трева. На сличен начин деновиве настрадаа домаќинки кои правеле ајвар во комплексот згради „Ламели“ во Кичево. Пријави заработиле четири семејства, кои правеле зимница на простор меѓу зградите.
Истото важи и за сечењето дрва, кое исто така е актуелно во есенските месеци. Ако тоа се прави на тротоар или на улица, како што најчесто се случува, граѓаните може, исто така, да бидат казнети со 50 евра. Казниво е и оставањето градежен материјал на јавна површина, како и превоз на песок и други материјали во откриен камион. Со Законот се забрануваат и други практики кои се чести кај скопјани, како миење и поправање возила пред зграда, фрлање кеси со ѓубре од тераса, но и мини-пазарчиња, каде што зеленчук се продава на картонски кутии.
За обезбедување на почитувањето на Законот, задолжени се комунални редари, кои допрва ќе треба да ги вработуваат општините. Тие облечени во посебни унифирми и со легитимации ќе треба да патролираат на терен. Со оглед на тоа дека тие мака мачат и со комунални инспектори, веројатно е дека ќе помине подолго време додека Законот почне целосно да се применува и во населбите, како што е случајот деновиве во центарот на Скопје. |