Инспекцијата ги врати текстилците од „Мокел“ на работа
Битола - Трудовата инспекција вратила 35 текстилци на работа коишто добија отказни решенија од битолската фабрика за тешка конфекција „Мокел“. Работниците ја добија битката со помош на Регионалниот совет на ССМ во Битола, откако пред две недели околу 160 работници беа отпуштени од работа како последица на рефлексиите од светската економска криза и намалениот обем на работа.
„Отпуштените работници од ’Мокел‘ побараа правна помош од ССМ. Ние направивме приговори на решенијата за отказ. Сите приговори беа прифатени од Трудовата инспекција, која на терен констатира дека има прекршување на Законот за работни односи. Потоа, го задолжи работодавецот да ги прогласи решенијата како ништовни“, потврди Живко Митревски, претседател на РСС во Битола. Според него, по ваквата одлука на Трудовата инспекција, на работа ќе можат да се вратат и сите други текстилци кои на истиот начин добија отказ. Митревски смета дека економската рецесија и последиците од неа ќе го зајакнат синдикалното движење, бидејќи повеќе битолски фирми побарале вклучување во синдикатот.
„Предлагаме кризата да не биде фрлена само врз грбот на одредена категорија работници туку да има солидарност. Кризата да биде споделена меѓу сите“, вели Митревски. (А.Б.) |