Прекршочна пријава за спорна реклама за лек
Бирото за лекови поднесе прекршочна пријава против познатата фармацевтска компанија „Актавис“ поради реклама за лекот „беналгин“ која не била одобрена од оваа институција. Вчера во повеќе медиуми се појави реклама на овој лек во која, меѓу другото, се вели дека освен против главоболка е наменет и за „живот без болка, депресија, тегоби, стрес и за здрав нервен систем“, дека ја подобрува работата на срцето итн.
Според регулаторите, рекламата ги доведува во заблуда пациентите, при што се можни и несакани последици кај некои од нив, доколку се потпираат на овие пораки.
„Според новиот закон за лекови, првпат кај нас е дозволено огласувањето медикаменти за кои не е потребен рецепт. Станува збор за околу 200 лека. Битно е да се има предвид дека за рекламирањето е потребна согласност од регулаторите“, вели првиот човек на Бирото за лекови, Илчо Захариев, појаснувајќи дека оваа институција ја одобрува рекламата и текстот што стои на неа. Во случајов, во дневните весници осамнал текст кој не бил одобрен од Бирото и кој ги доведува во заблуда потенцијалните консументи за дејствата на овој лек. Според Захариев, „Актавис“ ја повлекол спорната реклама. Сепак, тоа нема да го спаси од прекршочната пријава, која предвидува казна од 25 илјади до 50 илјади евра. Захариев појаснува дека прекршочната пријава е насочена кон производителот на лекот, бидејќи тој е носител на одобрението за рекламирање. Доколку се покаже дека некој друг го злоупотребил текстот на рекламата, тогаш ќе следуваат и други пријави. (М.Ј.)
|