Една година стоп за хипотекарните кредити?
Граѓаните кои ја изгубиле работата поради кризата една година да не мора да ги отплаќаат хипотекарните кредити кон банките. Ова е еден од најновите предлози на опозицијата. „СДСМ предлага едногодишно стопирање на отплатата на хипотекарни кредити за оние граѓани од земјава кои во последните шест месеци го загубиле работното место. Предлагаме оваа мерка да се реализира со донесување посебен закон. Ова ќе значи продолжување на крајниот рок за отплата на кредитите за истиот период за кој ќе биде стопирана нивната отплата“, изјави в.д. лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според него, на овој начин на граѓаните кои ја изгубиле работата, а сега се во опасност да го изгубат и покривот на главата, ќе им се обезбеди период од барем една година да застанат на нозе за да продолжат да си ги отплаќаат кредитите.
СДСМ појаснува дека оваа мерка е во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за банки, кои произлегуваат од постојните европски регулативи. (Ек.Р.)
|