„Златно славејче’“ - 40 години
Песни на нашето детство
Утревечер во Универзална сала ќе се одржи гала-концерт насловен „Ѕвездите на ’Златно славејче’“, на кој ќе настапат многу познати личности
Катерина Шекеровска
Со гала-концерт насловен „Ѕвездите на ’Златно славејче’“, Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, утревечер (19 часот) во Универзална сала ќе го прослави големиот јубилеј - 40 години постоење на најстариот фестивал на детска песна во земјава.
Концертот освен што е славенички, е и уникатна можност на едно место да се видат и да се слушнат повеќе популарни личности, кои своите први музички чекори ги направиле токму на сцената на „Златно славејче“. Со него и неговите хитови што ги одбележаа изминатите четири децении растеа и пораснаа неколку генерации. Годините минуваат, но „Песна за Скопје“, „За сите деца“, „Марионка“, „Никола, Никола“, „Рингишпил“, „Еј гулаби, гулаби бели“ и многу други подеднакво ги пеат и мајки и ќерки, и татковци и синови, и баби и дедовци.
Во што е тајната на 40-годишното опстојување на „Златно славејче“? „На прво место е квалитетот, на второ поддршката од медиумите и големиот број публика, почитување на традицијата... Тајната е и во разбирањето од општествената заедница, Министерството за култура, Град Скопје, покровител со години е претседателот на државата од каде што пред десетина дена добивме специјално признание „Повелба на Р. Македонија“, што е голема чест и обврска. Оваа година ја добивме и 13 ноемвриската награда..., вели Бобан Јосифовски, извршен директор на „Златно славејче“. „Во вашиот весник имаше многу убав наслов „Златно славејче - милениче на македонскиот народ“... И навистина е така. „Славејче“ стана синоним за убава детска песна. Ние правиме само 15 песни во годината, а критериумите се навистина високи, додава Јосифовски.
Со многу емоции и неизвесност се очекува гала-концертот за кој се право се бара влезница повеќе. Во чест на јубилејот се најавува и издавање специјално дупло цеде со најголемите фестивалски хитови во изминатите 40 години, како и монографија „Златно славејче 40 години (1971-2010)“.
„Гала-концертот е една приредба што се прави на секои 10 години, каде што ги покануваме сите оние поранешни славејчиња чии почетоци на својата кариера им биле токму на „Златно славејче“. Нова и несекојдневна приредба, едно навраќање, историја... Четири децении не се малку и навистина се гордееме што имаме навистина толку врвни уметници на оваа музичка сцена во Македонија“, вели Јосифовски.
Меѓу учесниците се и маестро Симон Трпчевски, кој во 1987 пееше „Чудна случка крај една воденичка“, Калиопи и „Мојата учителка“ (1976), „Непослушното срниче“ со Маја Гроздановска-Панчева од 1982, браќата Стефан и Мартин Филиповски - „Некст тајм“ и нивната „Фудбалер и кошаркар“ од 1996, Влатко Илиевски (1997) со „Наташка“, Игор Митровиќ - „Славеј“ (1999), Ноне Неделковска во 1995 пееше „Каубои смели“, Баже Моротов, кој пееше и на првиот фестивал во 1971, Маја Саздановска со „Тава ава“ од 1989...
„Ги поканивме и оние што сега не се ѕвезди, но испеале голема хитови, како што се Сања Ристиќ и „Ех, тој Тоше“, Оливера Лазаревска со „Никола, Никола“, Наташа Марковска - „Рингишпил“, Бобан Симоновски - „Една јасна“... Еден дел ќе биде посветен на Тоше (н.з. пееше на „Златно славејче“ во 1992 во дует со Емилија Павловска - „Јас со дедо ми“), кој беше дел од претходните јубилеи, но, за жал, повеќе не е меѓу нас, но славејчињата не го забораваат...“
Водителската улога на концертот им е доверена на Игор Џамбазов и на поп-пејачот Влатко Илиевски. Фестивалот ќе го снима и одложено ќе го емитува А1 телевизија.
За сите деца
Сакам светот да е песна
Личен цвет, ширен лет
Сакам да е песна една
Да е цвет, овој свет.
Сакам полја, сакам гори
ширна шир, сегде мир
Сакам зора кога зори
сегде мир.
РЕФРЕН:
За сите деца, да биде сонце,
да биде љубов, нека биде сјај.
Да биде копнеш, да бидат ѕвезди
да биде пролет личен, цветен мај!
Сакам да е песна светот
Тивок бран, изгрев ран
Сакам да е песна една
да е цвет, овој свет.
Сакам песна да се ори
Тивок сон, ѕвезден ѕвон.
Сакам песна што ќе збори
ѕвезден ѕвон.
музика и аранжман: Александар Џамбазов
текст: Васил Пујовски
исполнува: Ташко Попов
„Златно славејче“ 1973 год.
Најголеми детски хитови (1971-2010)
„Пеглај, пеглај пегличке“ 1971
„Еј гулаби, гулаби бели“ 1972
„Крокодил“ 1972
„За сите деца“ 1973
„Песна за Скопје“ 1974
„Дувна ветре“ 1975
„Рингишпил“ 1975
„Мојата учителка“ 1976
„Шеп, шеп, кукличке“ 1977
„Мајско авионче“
„Кајче“ 1978
„Сите пееме за Гоце“ 1978
„Чудна случка крај една воденичка“ 1987
„Бомбонче“ 1988
„Еј, Дејане, Дејане“ 1989
„Летај, летај, Буба Маро“ 1991
„Летаме, летаме“ 1991
„Кавалче“ 1991
„Еј татковино��� 1993
„Божиќна песна“ 1993
„Ленка манекенка“ 1993
„Никола, Никола“ 1993
„Марионка“ 1994
„Ех, тој Тоше“ 1994
„Роденденска песна“ 1995
„Сакам кола убава“ 1995
„Слонче“ 1996
„Лиса ветеринар“ 1997
„Луна парк“ 1997
„Не кори ме“ 1999
„Една Јасна“ 2000
„Месечко“ 2000
„Не му е гајле за мене“ 2001
„Ајде да садиме мир“ 2001
„Владо црта сонце“ 2001
„Часовник (Тика, така) 2001
„Чевлички“ 2001
„Писмо“ 2002
„Леонора, Леонорче“ 2002
„За сите нас“ 2003
„Каубој“ 2003
„Медена песна“ 2004
„Гордана“ 2004
„Дајте раце“ 2004
„Може ли“ 2005
„Дар од Македонија“ 2006
„Волшебно оро“ 2007
„Еден танц“ 2007
„Дени Дејане“ 2007
„Насмеј се“ 2008
„Крива кула“ 2009
|