Проектот „Зелени училишта“ ќе ги учи децата да го селектираат отпадот
Проектот на УСАИД за рециклирање пластика е вреден 1,2 милиони долари
Во основното училиште „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров вчера беше промовирана кампањата „Зелени училишта“, како дел од проектот за рециклирање пластика. Ја промовираше американската агенција УСАИД, а ќе се спроведува во соработка со Градот и јавното претпријатие „Комунална хигиена“, со учество на младите преку песна и драмска претстава. Кампањата е фокусирана на промоција на селектирањето и рециклирањето пластика и соодветен однос кон отпадот заради зачувување чиста околина.
„Општина Карпош го покажа првиот резултат. Собрани се големи количества ПЕТ-амбалажа, кои се депонираа во депонијата ’Дрисла‘, каде што беа рециклирани, по што добивме нова употребна вредност на рециклиран материјал“, рече градоначалникот Трифун Костовски.
Министерот за животна средина, Неџати Јакупи, истакна дека екоедукацијата треба да почне токму од најмладите, преку чија едукација ќе може да се спроведе големата акција за третирање на отпадот. Преку проектот за рециклирање на пластиката активно се промовира концептот за чиста околина во Македонија, каде што голема улога имаат младите.
„Верувам дека чистата околина е најубавиот подарок што можеме да им го дадеме на нашите деца. Образованието за подигнување на свеста за околината, чист училишен двор и околина, е особено важно за постигнување подобар и квалитетен живот“, рече Мајкл Фриц, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.
Проектот на УСАИД за рециклирање пластика, вреден 1,2 милиони долари, своите активности ги прошири во 20 нови општини, вклучувајќи го и Градот Скопје. Проектот иницира програми за собирање пластичен отпад и основање клубови за рециклирање во основните училишта и еколошки острови. (В.Д.) |