Архитектот Симеон Златев колекционер на 2.000 етностарини
ТЕТОВО - Во својата семејна куќа во тетовското село Џепчиште, на простор од само седум квадрати, архитектот Симеон Златев-Моне има колекција од над 2.000 етноекспонати. Според потеклото, има предмети стари дури 10.000 години, а според големината најмалото е гумено гласачко топче со трите димензии од по еден сантиметар, а најголема бакарна софра од 17 век долга 108, а широка 2,5 сантиметри.
И уште една карактеристика од богатата колекција на Моне - во неговиот етномузеј како најтежок предмет му е рачна камена воденица за мелење бунгур тешка 58 килограми. Во некои времиња луѓето наместо ориз употребувале грубо мелена пченица која претходно ја вареле, ја сушеле, а потоа ја мелеле.
„Колекционерството ми е наследено хоби. Наследив дел од тоа што го собирале моите родители. Венчалниот фустан на мајка ми изработен од млади девојки во далечната 1939 година ми е меѓу првите експонати. Сите предмети ми се драги и вистински ги обожавам, сепак, меѓу нив сакам да ги издвојам керамичките садови кои потекнуваат од 8.000 година пред нашата ера. Тие ми се драгоцен подарок од тетовски историчар и археолог Стојан Костадиновски, кој ја определуваше нивната старост“, вели Симеон Златев.
Предметите што Моне внимателно ги чува и изложува во разни периоди стари со векови најмногу служеле за употреба во домаќинствата како покуќнина, мерници, верски реликвии, алатки, носии, накит, монети, оружје и многу друго. Изработувани биле од разни видови материјали: сребро, алпак, месинг, алуминиум, олово, цинк, бакар, железо, керамика, дрво, хартија, платно и слично. Малата просторија во семејната куќа во Џепчиште, на чија врата стои запишано најмал етномузеј во светот, покрај грижливо наредените предмети може да влезе само еден човек. Меѓутоа, според евиденцијата на сопственикот, овде влегле и излегле над 10.000 посетители во изминатите петнаесетина години.
Експонатите биле изложувани во Скопје, Битола, Крушево и два пати во родното Тетово за кои има добиено вредни награди и признанија. Како најмал етномузеј во светот комплетен материјал бил доставен до Гинис во Лондон и до кралицата Елизабета. „Јас не сум сопственик на музејот. Тој е наш, на сите оние што ми ги подаруваат предметите. Моја задача е да ги чувам како заедничко културно и историско наследство и богатство“, вели Златев. Дека колекционерството му е опсесија, и тоа не само во старини, Моне ги потврди и со збирка од над 10.000 значки, неколку илјади поштенски марки, разгледници, а веќе внимателно комплетира колекција со пеперуги. (Г.Е.) |