Вечер на мајтапот во Прилеп
Прилеп - Стотици прилепчани викендов се забавуваа и релаксираа од топлото секодјневје со шегите и вицевите на своите сограѓани, кои беа интерпретирани на малиот плоштад пред споменикот на Итар Пејо во центарот на Прилеп.
„Ова е вистина забава, вистинско освежување. Навистина уживавме, зашто во оваа сиромаштија кога немаме каде да одиме, барем да се насмееме за да заборавиме на својата мака“, велат прилепчани кои беа дел од забавата.
Настапите на учесниците беа збогатени и со актерскиот настап на Милан Секулоски и Александар Тодески, двајцата актери од прилепскиот театар.
Реномираниот актер Благоја Спиркоски - Џумерко, познат македонски комичар, иако член на жири-комисијата ,не одолеа на професијата, па подели со своите сограѓани неколку анегдоти од животот со неговите соседи.
„Оваа традиција треба да продолжи. Прилеп е град на културата, на шегата и на мајтапот. Овој дух треба да и' се врати на старата прилепска чаршија, а треба да се вложат напори манифестацијата да прерасне во државна“, рече Џумерко.
Според градоначалникот Марјан Ристески, манифестацијата ќе придонесе за развој на локалниот туризам. (М.Т.) |