Кредитите во франци јамка околу вратот

"Зовривањето" на "швајцарецот" најмногу ги погоди клиентите што имаат земено автомобили на лизинг
Нина Нинеска-Фиданоска
Големи главоболки деновиве им задава швајцарскиот франк на македонските граѓани што имаат земено кредити или автомобили на лизинг со девизна клаузула изразена во таа валута. Тие заглавија во уште поголеми долгови од оние што ги имаа досега.
Поради поголемата вредност на „швајцарецот“, ратите на нивните заеми растат со фантастична брзина, создавајќи им огромни трошоци и загуби во семејниот буџет, кои тие воопшто не ги очекувале и планирале.
Во последниов период швајцарскиот франк жари и пали на светските берзи. Неговата вредност секојдневно расте, што е последица на стравот што се создаде околу су��бината на заедничката европска валута - еврото по големите должнички кризи што ја тресеа Грција, но и неколку други европски земји, како и стравот што владееше од можно намалување на американскиот кредитен рејтинг (кој САД, сепак, успеаја да го задржат на највисокото ниво). Таквата неизвесност тешко се смири и по договарањето на новиот пакет од 160 милијарди евра за Грција, иако на него се полагаат големи надежи дека ќе ја смири состојбата и ќе го спречи најпесимистичкото сценарио со европската валута. Со оглед на тоа што Швајцарија покажа дека умее добро да се справува со кризите, швајцарскиот франк е надвор од тие ризици и се смета за силна валута и за сигурно засолниште за капиталот во овие несигурни времиња. Тоа придонесе многу наши иселеници, кои живеат во Германија и во Австрија, а кои чувале заштеди во тамошните банки во евра, во последниов период да ги конвертираат во швајцарски франци, сметајќи го тоа за посигурна варијанта.
Но, растот на вредноста на швајцарскиот франк создаде и многу нервози кај дел од македонските граѓани, а тоа се оние што зедоа кредити во девизна клаузула во франци, на времето кога нивната вредност беше ниска и сметаа дека така им е поисплатливо отколку да се задолжуваат во евра.
Според сознанијата, „зовривањето“ на франкот на берзите најмногу ги погоди клиентите што имаат земено автомобили на лизинг, преку лизинг-компаниите во земјава. Всушност, најголемиот дел од нив биле изразени во швајцарски франци, но сега ратите неумоливо растат. Дел од нив за „Утрински весник“ ги раскажуваат своите приказни за штетите што им ги предизвикале проблемите со швајцарскиот франк.
„Пред неколку години купив автомобил на лизинг во девизна клаузула во франци. Франкот тогаш имаше ниска цена. Ратата изнесуваше 12.000 денари месечно, но сега, поради растот на вредноста на франкот, плаќам 19.000 денари месечно. Тоа ми е огромен трошок и не знам што да правам. Кредитот треба да го отплаќам уште две години и не знам како ќе издржам со олку висока рата. Автомобилот чини 14.000 евра, но според моите пресметки, ќе вратам најмалку 19.000 евра“, вели еден загрижен граѓанин.
Не само во Македонија, растот на вредноста на швајцарскиот франк прави драми и во Хрватска, каде што голем дел од граѓаните имаат такви кредити и сега трпат огромни загуби. Хрватите дури и формираа здружение наречено „Франк“, во кое членуваат оние чии рати за кредитите во последниве неколку години пораснале дури и за 65 отсто. За десет дена ова здружение веќе привлекло 500 граѓани и коваат стратегии како да ги заштитат своите интереси. Ги разгледуваат и можностите за тужби, како и за конверзија на кредитите во евра и куни.
Но, кредити во франци има не само во лизинг-компаниите, туку и во некои од банките. Во Народна банка на Македонија велат дека нема голем број граѓани во земјава чии кредити се во девизна клаузула во франци. Според последниот извештај на НБМ за банкарскиот систем во 2010 година, само два отсто од вкупната актива на банките со девизна компонента биле во франци, а се смета дека најголемиот дел од нив се однесуваат на кредити во франци. На евра отпаѓаат 89,7 проценти, а на американски долари 6,5 проценти.
Во НЛБ Тутунска банка постојат кредити со девизна клаузула во франци. Според информациите од банката, клиентите што имаат такви заеми редовно ги враќаат месечните рати и во ситуацијата кога е зголемен курсот на швајцарскиот франк. Мал е бројот на клиенти-корисници на вакви кредити и вкупната сума на овие кредити, исто така, е мала.
„Има случаи на рефинансирање на овие кредити, но тоа се случаи кога клиентите имаат потреба од дополнителни средства. Со кредитите со девизна клаузула во франци, досега немало проблеми. Доколку се појави клиент со барање за затворање на овие кредитни обврски или со барање за друг кредит, се изнаоѓаат решенија со кои им се излегува во пресрет на клиентите“, велат во НЛБ Тутунска банка.
Од Стопанска банка велат дека кај нив нема кредити во девизна клаузула во франци.
Вредноста на франкот драматично расте и во македонските менувачници. Вчера еден франк се продаваше за 56,5 денари.
Менувачите објаснуваат дека швајцарскиот франк деновиве максимално се бара и неговата вредност многу варира. Но, има и голема понуда на франци, бидејќи сега, за време на летото, се тука нашите гастребајтери кои живеат во Швајцарија.
Драги Маневски, претседател на Здружението на менувачници на Македонија, објаснува дека порастот на вредноста на швајцарскиот франк е особено голем во последниве два месеца.
Ангеле Минески, координатор на Здружението на менувачници, објаснува оти франкот никогаш досега немал олку висока вредност, дури и над американскиот долар. „Главна причина е нестабилноста на еврото. Сега има голема побарувачка по менувачниците за франци, но и голема понуда. Нашите иселеници во Швајцарија за време на летото доаѓаат тука и инвестираат, градат куќи и ги продаваат франците. Инаку, многу од нашите граѓани што живеат во Австрија и во Германија своите заштеди што ги чуваат во тамошните банки, а што им биле во евра, ги имаат конвертирано во франци“, вели Минески.
Растот на вредноста на франкот започна со колапсот на „Леман брадерс“ во септември 2008 година, што ја навести, всушност, големата светска криза. На 1 септември 2008 швајцарскиот франк се продаваше по 37,83 денари, за деновиве да достигне до 56,5 денари.
Вчера од Швајцарија стигна смирувачка вест, а таа е дека швајцарската централна банка (СНБ) презела агресивни чекори за стопирање на натамошниот раст на курсот на швајцарскиот франк, утврдувајќи дека јакнењето на националната валута го загрозува развојот на стопанството. (Н.Н.Ф.)
Договорите може да се сменат во евра
НЛБ лизинг од своето основање во 2000 година нудеше лизинг-аранжмани номинирани исклучиво во швајцарски франци, се' до крајот на 2008 година, кога беше донесена деловна одлука лизинг-пласманите да бидат исклучиво со ЕУР-клаузула.
„Во активното лизинг-портфолио договорите номинирани во франци претставуваат 64 отсто од вкупните договори, што е разбирливо со оглед на на нашето 11-годишно работење“, велат во НЛБ лизинг.
Оттаму додаваат дека трендот на пораст на вредноста на швајцарскиот франк не е новина, тој континуирано расте веќе две години и е врзан со глобалната економска криза и слабеењето на еврото во однос на останатите светски релевантни валути - доларот, јенот и, пред се', швајцарскиот франк. „Се разбира дека клиентите реагираат, бидејќи им е потребна поголема парична маса во денари за плаќање на своите обврски, без разлика на тоа дали се работи за правни или за физички лица. НЛБ лизинг посвети особено внимание во комуникација со своите коминтенти на оваа тема, пред се', во доменот на финансиско советување, заради избегнување или ублажување на евентуалните проблеми. Во почетокот на 2010 година подготвивме специјален наменски продукт- можност за конверзија на договорот од франци во евра, кој без ограничување се нуди на сите клиенти. Во почетокот интересот за ова беше минимален, базирано на очекувањата на клиентите курсот, сепак, да падне, но во последниот период интересот е драматично зголемен“, ни изјави Маја Лапе-Трајкова, генерална директорка на НЛБ лизинг. |