„Кафкијанска“ битка за неговите ракописи
Ракописите на Кафка се во Израел. Дали ќе останат или ќе отидат во Прага - уште никој не знае
ТЕЛ АВИВ - Познато е дека последната желба на Франц Кафка пред смртта во 1924 година - неговите ракописи да бидат запалени - не беше испочитувана од неговиот пријател, писателот Макс Брод. Светот ги доби „Процес“, „Замок“ и придавката кафкијански. Брод ги доби ракописите. Кога Брод побегна од Прага во Тел Авив во 1939 година, тој носеше куфер полн со документи од Кафка. Во Тел Авив се спријатели со својата секретарка и кога почина во 1968 година, и' ги остави во наследство преостанатите ракописи од Кафка, како и неговите лични од богатата културна кариера.
Речиси 40 години секретарката Естер Хофе го држеше светот во неизвесност околу знаењето на Кафка, чувајќи ги документите во својот приземен стан на улицата „Спиноза“, некои од нив поставени високо на бирото (тоа беше оригиналното биро на Брод), каде што цел ден пишуваше на машина и ги имаше своите оброци.
Последен пат научен соработник влезе во нејзиниот стан во 1980-тите години. Подоцна Хофе го продаде ракописот на „Процес“ за два милиона долари. Никој не знае што остана. По нејзината смрт минатата година, на 101-годишна возраст, нејзината ќерка Хава (74) навести дека одлуката за бараните ракописи ќе биде донесена во наредните месеци. Додека поголем дел од имотот на Кафка веќе се наоѓа во архивите на Чешка Република, Велика Британија и Германија, некои можеби се' уште се во станот на Хофе. Како и мајка си, Хава Хофе ги остава замислени научните работници и архиварите за состојбата, како што веруваат тие, на писмата, дневниците, фотографиите и можеби необјавените дела на двајца еврејски автори од Чешка, при што Кафка е еден од најпознатите писатели на 20 век.
„Брод беше многу сестран, плоден, дури и опсесивен писател кој водеше дневник“, забележува Нурит Паги, која работи на својата докторска дисертација за Брод на Универзитетот во Хаифа. „Веруваме дека Хофе мора да го има дневникот што тој го водел од денот кога пристигнал во Тел Авив во 1939 година, полн со забелешки. За истражувачите тоа ќе биде многу значајно“.
Прашањето што ги преокупира израелските научни соработници не е само дали или кога Хофе ќе го продаде или донира литературното богатство, чии наследници се таа и нејзината постара сестра Рут, и ќе го сподели со светот. Исто така, прашање е дали може да се најде начин пронајдените работи да се задржат во Израел, бидејќи многумина сметаат дека тоа е вистинскиот дом за нив.
„Овој материјал му припаѓа на Ерусалим“, тврди Марк Гелбер, научник и професор по компаративна книжевност на Универзитетот Бен Гурион во Биршеба. „Брод стана ционист пред Првата светска војна, живееше и работеше тука и тука е погребан. Малку познат факт е дека Кафка беше целосно ангажирана еврејска личност и писател со многу интимни врски кон ционизмот и Евреите“. Гелбер забележува дека Националната библиотека во Ерусалим има ракописи од големи еврејски личности, како што се Ајнштајн и Мартин Бубер, и според тоа би била природен дом и за Кафка.
Сепак, тоа е далеку од универзалното мислење. Според многумина, романите и расказите на Кафка за егзистенцијалниот очај, пишувани на германски јазик, посвесно се сметаат за светски отколку поврзани со кое било националистичко движење. Претензиите за Кафка од германската или други архиви им се чинат еднакво силни.
Новата книга, која се совпадна со 125-годишнината од раѓањето на Кафка, „Извонредниот свет што го имам во мојата глава: Франц Кафка, биографски есеј“ на Луј Бегли, тврди дека Кафка бил длабоко амбивалентен за својот еврејски идентитет, всушност, за кој било колективен идентитет. „Му се восхитувам на ционизмот и ми се гади од тоа“, цитираше Бегли извадоци од Кафка. Исто така: „Што имам заедничко со Евреите? Едвај имам нешто заедничко со себе и треба да стојам многу тивко во аголот, задоволен што можам да дишам“.
Како одговор, постои цел научен арсенал раководен од Гелбер и други, кој покажува дека Кафка научил еврејски, сериозно го сфатил ционистичкиот проект, па дури и се надевал дека ќе се пресели таму. На пример, во 1949 година, последната љубовница на Кафка, Дора Дијамант, на чии раце се вели дека починал четврт век претходно, му напиша на Брод дека животниот сон на Кафка бил „да емигрира (алија) и да дојде во Израел“, употребувајќи го еврејскиот збор за миграција во Израел.
Некои луѓе во Израел забележуваат дека скапоцените ракописи, како оние што им припаѓаат на Кафка и на Брод, можеби нема да бидат легално изнесени од Израел без националните архиви да имаат можност да ги регистрираат и да направат копии од нив. Но, Офер Адерет, известувач од весникот „Хаарец“ кој исцрпно пишуваше за ракописите на Кафка, забележува дека многумина се сомневаат дека Естер Хофе успешно го избегнала законот.
Сега прашањето е како ќе дејствуваат нејзините ќерки. Хава Хофе со години се грижеше за својата мајка во станот и се чини дека е одговорна за тоа прашање. Таа не е многу омилена кај повеќето соседи поради големиот број мачки што ги чуваше со децении, дозволувајќи им слободно да се движат во станот и во дворот. Избегнува публицитет, ги одбива сите барања за интервјуа од весниците и од научните соработници. Но, при една случајна средба Хофе зборуваше десетина минути. Таа вели дека Брод бил како втор татко за неа и, всушност, бил близок пријател на нејзиниот татко, како и на нејзината мајка. Татко и' починал пет месеци по Брод. Хофе, поранешна хостеса на аеродромот „Бен Гурион“, се опишува себеси како преживеана од холокаустот (таа пристигнала на десетгодишна возраст од Прага) и вели дека била сиромашна и не гледа причина да се откаже од единственото богатство што го имала - литературното богатство на Брод.
На прашањето дали ракописите на Кафка се останати во станот, таа се насмевнува: „Дали мислите дека сме толку глупави?“ Укажувајќи дека вредните документи се чуваат некаде безбедно, Хофе го објаснува чувството да се биде притиснат од сите страни, особено од државата Израел, да ги даде ракописите или да донесе одлука за нивната иднина. Се чувствува како под опсада, фатена во мрежа, додава Хофе. Во нејзините сини очи нема никаква најава на иронија. Таа вели: „Ова е навистина кафкијански“. (Њујорк тајмс) |