Кризата ги исплаши руските снобови
Московските агенции тврдат дека првпат по десет години е намален интересот за скапите зимувалишта
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Руските снобови изгледа ги отрезни големата криза. Поради огромните проблеми што ги имаат во своите компании чијашто вредност во последниве месеци драстично падна, руските милијардери и милионери сега не размислуваат за монденските зимувалишта. Московските туристички агенции тврдат дека прв пат по десет години редовно патување, драстично е намален интересот за монденските зимувалишта Куршевел во Франција и Сент Мориц во Швајцарија. Туроператорите ги намалуваат цените за десет отсто, но руските бизнисмени поради своите проблеми не покажуваат интерес да трошат големи пари, докажувајќи дека припаѓаат на нова елита.
Во агенцијата „Планета тур“ тврдат дека во последните пет години рапидно растеше интересот на новите руски богаташи за зимување во Куршевел. Сега руските гости ги откажуваат резервациите за дочек на Новата година и зимување, иако хотелиерите ги намалија цените за 20 отсто. Тоа не значи дека Русите ќе ги нема во монденските места, бидејќи богаташите не останаа со празни џебови, а сопруги сигурно ќе ги наговараат сопрузите да тргнат на пат и барем на кратко да ги заборават деловните маки. Оние најбогатите сега имаат дури и поважна работа и размислуваат како да го спасат својот имот на кој во последните шест месеци цената му опадна за повеќе од 50 отсто.
Француското зимувалиште Куршевел стана место каде што богатите Руси во последните 10 години доаѓаа за да го докажат својот статус во општеството. На домаќините дури почнаа да им пречат оние арогантни гости од Русија кои со себе носеа „чопор“ девојки за забава. На Французите им сметаше и тоа што богатите гости од Русија не ја почитуваа традицијата на домаќинот туку од многу скапите вина и шампањско правеа коктели. Им пречеше и вревата што ја правеа богатите руски туристи. Сега во Куршевел ќе биде забележително потивко, но затоа ќе има и многу помала заработувачка. Руските снобови не прашуваа за цена, па сопствениците на хотели во монденските зимувалишта можеа да ги креваат цените до небо.
Поради економската криза што ја зафати Русија работа ќе загубат околу 20 отсто од вработените во туристичките агенции ширум таа голема земја. Во овој месец веќе се затворени околу десет отсто од канцелариите на туристичката агенција „Куда.ру“. Таа компанија има околу сто канцеларии во Русија. Туристичката агенција „Војаж лукс“ официјално соопшти дека престанува со работа.
Со работа престанаа засега, главно, помали туристички агенции, но „висока температура“ добија и оние поголемите. Дека сопствениците на туристичките агенции со право ги зафати паника доказ е и тоа што во однос на минатата година за една третина се намалени патувањата за пречек на Нова година. Сето тоа ќе се одрази на намалувањето на платите и бројот на вработени во туристичките компании.
Мнозинството вработени во туристичките агенции сега ги интересира едно исто прашање: колку ќе трае оваа криза. Оние постарите се сеќаваат дека големата финансиска криза што ја зафати Русија во 1998 година, остави без работа дури 30 отсто од вработените во туристичките агенции. Без оглед на кризата еден број Руси, сепак, ќе патуваат и земјите кои ќе имаат поволни понуди ќе може да доведат гости кои речиси секогаш го врзуваат одморот со шопинг или уште попрецизно купување облека и обувки. |