Обвинение за убиството во Заводот за рехабилитација
Убиството на директорката Лилјана Угриновска-Груевска наскоро ќе добие судска разврска
Љубиша Станковиќ
Убиството на директорката на скопскиот Заводот за медицинска рехабилитација наскоро ќе добие судска разврска. Скопското јавно обвинителство веќе има изготвен обвинителен предлог за лекарот Михајло Ламбевски, кој е осомничен дека на 19 мај годинава, со повеќе убоди со нож, ја убил директорката Лилјана Угриновска-Груевска.
„И јас имам непотврдени сознанија дека за мојот клиент е поднесен обвинителен предлог, но се' додека не го примам, не можам да ги потврдам ваквите информации. Сепак, доколку навистина постои обвинение, на мислење сум дека од 20 до 30 дена ќе започне судење“, вели бранителот на обвинетиот лекар, адвокатот Сашо Василевски.
Според Василевски, не треба да се исклучи можноста за обвинетиот да е поднесен обвинителен предлог, бидејќи такво нешто и произлегува од досегашниот тек на постапката.
Ова подразбира дека за лице што било предмет на психијатриско набљудување и за кое е утврдено дека е непресметливо, освен судска пресуда, може да се очекува и задолжително лекување во една од психијатриските болници во земјава.
„Можам да кажам дека е жално што се случи тоа. Кај обвинетиот, со вештачењето и дополнението на вештиот наод и мислење е утврдена шизофренична параноја, но сметам дека дел од вината треба да се бара и кај дел од државните институции, кои требало да поведат малку повеќе внимание“, вели адвокатот Василевски.
Обвинетиот Ламбевски од пред десетина дена веќе не е на издржување на мерката притвор што му беше изречена неспоредно по трагичниот настан. По предлог на Јавното обвинителство, а кој бил прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, притворот е заменет со упатување во Јавната здравствена установа Клиника за психијатриски болести.
Трагичниот настан во кој животот го загуби директорката на Заводот за рехабилитација, во скопската населба Козле, се случи на 19 мај годинава кога во нејзината канцеларија влегол Ламбевски со нож во рацете. Тој се нафрлил врз директорката, нанесувајќи и' дваесетина убоди во градниот кош, вратот и во стомакот. Тешко повредената лекарка, во коматозна состојба, беше префрлена во Клиничкиот центар, каде што лекарите не успеаја да и' го спасат животот.
Полицијата го приведе Ламбевски, кај кого бил пронајден и ножот со кој го извршил убиството на директорката. Иако околу мотивот за убиството постоеја повеќе претпоставки, најверојатно, тој никогаш нема да биде утврден поради непресметливоста на обвинетиот. Непосредно по настанот, како можен мотив за убиството се споменуваше недоразбирањето што тлеело меѓу убиената и Ламбевски. Според други кажувања, причината за бруталниот напад и убиство на директорката било токму поведението на Михајло Ламбевски, а за што таа со писмени дописи ги информирала надлежените институции. Иако банален, сепак, како мотив за извршување на бруталното убиство се споменуваше и доцнењето на платата, за што вината и' била префрлена на директорката. |