Комбе покоси три жени кај Прилеп
Една жена загина, а две се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи завчеравечер во близина на прилепското село Славеј. Комбе, управуван од 34-годишен прилепчанец, удри во трите жени што стоеле крај коловозот. Причините за несреќата ќе се утврдуваат дополнително, иако се шпекулира дека возилото се движело со неприспособена брзина.
Како што соопшти МВР, несреќата се случила околу 19,10 часот на регионалниот пат Прилеп - Крушево во близина на Славеј. Комбето „ситроен џампер“, управувано од Б.Н. (34), удрил во трите жени што стоеле крај патот. Притоа, С.М. (60) и Р.С. (65), двете од Славеј, се здобиле со повреди и биле пренесени во Медицинскиот центар во Прилеп. Несреќата била кобна за 58-годишната Зорка Милошеска од Прилеп, која починала на самото место.
„Двете жени биле со повреди на градниот кош, главата и рацете, каде што со две возила на службата за Итна медицинска помош веднаш беа префрлени во прилепската болница, додека третата жена била буквално прегазена на самиот пат“, велат од Итн��та помош во Прилеп.
Телото на починатата жена е дадено за обдукција, а полицијата утврдува како дошло до несреќата. Според СВР - Битола, возачот на комбето што се движело од Крушево кон Прилеп, најверојатно, не ги забележал пешаците, кои стоеле не коловозот. Првичните сознанија на полицијата укажуваат дека возилото се движело побрзо од дозволените 60 километри на час. На возачот му бил направен алко-тест, кој бил негативен. (Г.А.) |