Советникот Игнат Виларовски привремено ќе раководи со Општина Карпош
Игнат Виларовски, член на Советот на Општина Карпош од редовите на СДСМ, привремено ќе ја врши градоначалничката функција, бидејќи Андреј Петров стана народен пратеник. Виларовски во улога на градоначалник ќе биде се' додека Советот не одлучи кој и официјално ќе ја извршува функцијата в.д. градоначалник. За таа функција, најверојатно, ќе претендира претседателот на Советот, Трифун Трифуновски, за кого, неофицијално, ќе гласаат најголем дел од советниците.
Петров, кому викендов му е верифициран пратеничкиот мандат во републичкото Собрание, објаснува дека го именувал Виларовски за свој заменик уште пред околу три години, согласно со Законот за локална самоуправа, кој наложува градоначалниците да именуваат своја „резерва“ во случај тие да бидат спречени да ја извршуваат функцијата или, пак, кога мандатот предвремено ќе им биде прекинат. Иако постои можност и опција Владата, односно Министерството за локална самоуправа, да распише предвремени локални избори во Општина Карпош, бидејќи до редовните има повеќе од шест месеци, доскорешниот градоначалник Петров смета дека нема да се случи тоа.
„Колку и да се испочитува законот во определените временски одлуки, сметам дека надлежните нема да имаат подлога да ги распишат изборите, реално тоа нема да им биде изводливо. Во спротивен случај, пак, сметам дека распишувањето на изборите не би било мудро политичко решение. Се надевам дека се' ќе заврши разумно“, вели Андреј Петров. (Дс.Т.) |