Градилиштето за хотелот го затвори најголемиот паркинг во центарот
Градот бара инвеститорот да плати надомест за користење на јавната површина и еден вид отштета
Деспина Трајковска
На граѓаните во наредните две години ќе им биде скратена можноста да користат еден од најголемите паркинзи во централното градско подрачје. Поради организација на градилиштето за изградба на хотел зад ТЦ „Рамстор“, од пред десетина дена целосно е затворен паркингот „Македонија“, кој имаше капацитет за 307 возила. На цедило не само што се оставени случајните корисници на паркингот туку без сигурен паркинг останаа 67 корисници на месечни и годишни билети за паркирање.
Тие, велат од ЈП „Градски паркинг“, навремено се информирани за наметната состојба, а истовремено им била доставена понуда за пренамена на билетите за друг паркинг. Јавното претпријатие им понудило со истите билети да се паркираат спроти „Нова Македонија“, или, пак, на јавниот паркинг кај „Макпетрол“. Во случај на граѓаните да не им одговара оваа опција, парите ќе им бидат рефундирани. Досега, велат од ЈП, поголем дел од корисниците на месечните и годишните билети прифатиле да го користат паркингот кај „Макпетрол“, мал дел одлучиле да се паркираат спроти Домот на печатот, 15 од нив се' уште не се изјасниле, а само двајца корисници на годишен билет побарале парите да им бидат вратени.
„Ситуацијата колку што не' затекна, толку можеби и бевме свесни дека еден ден ќе ни се случи. Инвеститорот на објектот има целосна документација и одобрение за организација на градилиштето. Работите мора да ги прифатиме и покрај тоа што, ако направиме подлабоки анализи, ќе претрпиме одредени загуби како претпријатие“, вели Љупчо Јованов, директор на „Градски паркинг“.
Неофицијално, Градот ќе побара инвеститорот на хотелот да плати извесен надомест за користење јавна површина за потребите на градилиштето, а истовремено и еден вид отштета што ќе ја побара Градот, имајќи предвид дека има вложено сопствени средства на државното земјиште за потребите на сега затворениот паркинг. Н��водно, инвеститорот и Градот закажале средба на која евентуално би се договориле за исплата на надоместот, но поради неодложни обврски едната страна ја презакажала средбата за неделава.
Инаку, од Општина Центар се' уште не кажуваат дали на инвеститорот на хотелот му ја издале градежната дозвола. Работите на терен се изведуваат врз основа на одобрението за локациски услови. |