Безметални порцелански заби и на Стоматологија
И на Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје ќе може да се изработуваат популарните безметални порцелански заби. Оваа здравствена установа го купи најновиот систем од светски реномираниот производител „КаВо“, кој вчера беше предаден во употреба.
Со новата технологија, покрај тоа што ќе се скрати процедурата за изработка на порцелански заби, пациентите ќе добијат и биокомпатибилни заби. Апаратот е инвестиција на Клиниката и чини околу 200.000 евра.
Со оваа технологија не само што ќе се премине од мануелна и скапа изработка на протетички фиксни материјали во сосема компјутеризиран современ начин на изработка туку, како што рече министерот за здравство, Бујар Османи, таа ќе значи подобар квалитет, поголема прецизност во изработката на забите, а ќе се штеди и на време.
„Ова е значителен чекор напред на Клиниката. Ако некогаш Стоматолошкиот клинички центар бил лидер на стоматолошката дејност во Македонија, со воведување на оваа современа технологија повторно го враќа тој примат“, додаде Османи.
Со новата технологија за порцелански заби Стоматологија ќе стартува во септември. Дотогаш ќе треба да заврши и обуката на тимот во Германија. Системот, како што објасни директорот на Стоматологија, Аријан Даци, се состои од технолошка супериорност и овозможува изработка на повеќе видови материјали, меѓу кои се биокомпатибилните материјали цирконија, титаниум... Околу цената на услугата за граѓаните, д-р Даци рече дека се' уште не е одредена. (Ј.Ј.) |