Број 3047  вторник, 28 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

На „Дрисла“ се уништувале отпадоци од риба?

„Комунална хигиена“ појаснува дека на „Дрисла“ биле уништени речиси два тони глави и опашки од риба

Даниела Трпчевска

На „Дрисла“ се уништуваа отпадоци од риба, а не смрзната риба. Ова го тврди директорот на „Комунална хигиена“, Златко Димовски, по викенд-акцијата на полицијата, која соопшти дека привела двајца жители на Батинци кои, според нејзините сознанија, успеале да изнесат над половина тон смрзната риба од скопската депонија и потоа им ја продавале на жителите на неколку скопски села. Аферата со расипаната храна која, место на депонијата, завршувала на скопските трпези, ја вознемири јавноста. Но, првиот човек на „Комунална хигиена“ го поставува прашањето дали рибата што е откриена навистина е пронајдена на депонијата, бидејќи според сите податоци со кои тој располага, во тој период на „Дрисла“ биле уништени само глави и опашки од риби по барање на фирма што ги третира како индустриски отпад.

„Во периодот кога се случил настанот, во еден ден се уништени еден тон и 800 килограми отпадоци од риба, како и помала количина салами и сокови“, вели во изјавата за „Утрински весник“ првиот човек на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Прелистувајќи ги документацијата и записникот за уништената стока на депонијата, Димовски вели дека сите овие податоци ги имаат документирано и со потпис. На уништувањето на отпадоците од риба, според него, присуствувала и полицијата, за што од „Комунална хигиена“ секогаш била барана асистенција.

По ваквото тврдење на надлежните, останува отворено прашањето од каде потекнува и каде била пронајдена смрзнатата риба за која полицијата тврдеше дека била запленета при акција минатата недела.

Според полициските сознанија, двајца жители на скопското село Батинци уште од мај годинава ја започнале шемата со набавка на прехранбени продукти и пијалаци со изминат рок на траење од депонијата и потоа им ги продавале на лица од околината на Скопје. На 17 јули во населбата Драчево, полицијата го фатила К.Б. додека пренесувал неколку пакети смрзната риба со поминат рок со работна машина за сечење дрва. Тој бил приведен во полициската станица во Драчево, каде што ја разоткрил шемата за заработка. Според неговото тврдење, неговиот партнер Б.И. бил задолжен за набавка на прехранбените продукти, како што се месо, риба, салама и пијалаци од депонијата. Потоа му ги продавал на К.Б., кој пак требало да им ги препродава на граѓани од околината на Скопје. Рибата со поминат рок, според МВР, била откупувана по цена од 13 денари за килограм, за потоа да им биде препродавана на непознати лица од Јурумлери, Идризово, Петровец, Трубарево, Шуто Оризари и други населби по цена од 40 до 50 денари за килограм. Покрај риби, на менито за препродажба, според полицијата, се нашле и расипани салами, виршли и сокови со поминат рок, кои повторно биле продавани во скопските села.

Помошник-министерот за информации, Иво Котевски, завчера информира дека полициската истрага не престанува. Инспекторите во наредниот период ќе се обидат да утврдат на кој начин двајцата жители на скопско Батинци успеале да ја изнесат храната од депонијата и дали за тоа знаела чуварската служба.

Директорот на депонијата „Дрисла“, Гоце Стефкоски, за „Утрински весник“ вели дека не може да ги коментира најновите случувања се' додека е во тек полициската истрага.

„Но , факт е дека депонијата ’Дрисла‘ секогаш се труди да воведе некаков ред“, вели Стефкоски во кусиот телефонски разговор, во исчекување на она што ќе го покаже истрагата на полицијата.

До каде ќе се отплеткува клопчето за најголемата депонија во земјава, засега никој не знае. Додека за надлежните во „Комунална хигиена“ тврдењата дека од „Дрисла“ со месеци излегувале продукти, кои потоа завршувале на скопските трпези, се базираат на шпекулации, полицијата во опширното соопштение викендов тврдеше дека бизнисот на двајцата од Батинци цветал од мај годинава, па се' до средината на јули, кога беа приведени.

Депонијата „Дрисла“ се наоѓа на дваесетина километри од Скопје. Се протега на голема површина од 76 хектари, која е оградена со жица и бетонски столбови, кои често се случува да бидат уништени од илегалните минувачи. Станува збор за најголемата депонија во земјава, каде што сметот се третира според определени стандарди. Депонијата располага со чуварска служба и 24-часовен мониторинг на просторот, со цел да се спречат диви влегувања и кражби. Ова е убавиот дел од приказната за депонијата „Дрисла“. Оној другиот, понеубав, кога расипани производи, место да бидат згмечени со будолжерот, завршуваат на скопските пазари, е проблематика за која ретко некој се осмелува јавно да говори. Иако извори од депонијата велат дека изминативе години се соочувале со проблеми и „диви копања“ по ѓубриштата, од полицијата не успеавме да дознаеме дали и колку пријави и жалби се поднесени од депонијата „Дрисла“ за нелегален упад и кражби на стока.


#
Статијата е прочитана 657 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Битолски „Транскоп“ во претстечајна постапка
Безметални порцелански заби и на Стоматологија
Лозарите задоволни од родот, но разочарани од цената