Два концерта на „Скопско лето“

Во Музејот на град Скопје вечерва во рамките на „Скопско лето“во 20,30 часот концерт ќе одржат Андреја Ридила, обоа и Татјана Огнаноска, пијано. На програмата ќе бидат дела од Медлин Дринг, Џузепе Даели, Стојан Стојков, Вилијам Грант Стил и Марио Ломбардо.
Андреа Ридила е професор по обоа и член на „Мајами Винд Квинтет“.Одржува магистерски и дипломски часови на „Џуилиард Скул“ и на „Оберлинд Конзерватори оф Мјузик“. Таа е прва обоа на „Класикал Мјузик Фестивал“ во Ајзенташтат, Австрија, била прва обоа на меѓународниот фестивал „Ехтернаш Оркестра“ во Луксембург, а исто така е и прва обоа во „Мидлетаун Симфони“, под палката на маестро Кармон ДеЛеоне и др. Со „Мајами Винд Квинтет“, снимила три компакт дискови.
Татјана Огнаноска е родена во Санкт-Петербург, Русија, каде и дипломирала на тамошниот конзерваториум „Римскиј-Корсаков“. Работела како корепетитор во Операта на Хрватското народно казалиште во Сплит, а по доаѓањето во Македонија во Операта на МНТ. Од 1990 година до денеска, работи на Факултетот за музичка уметност во Скопје како уметнички соработник. Нејзината Уметничка активност бележи над стотина настапи, од кои 46 се целовечерни концерти - рецитали.
Вечерва во 21 часот во амфитеатарот на Спомен куќата на Мајка Тереза, ќе започне концерт на домашната музичка група „Калевала акустик бенд“ која ја чинат музичарите Јасна Николовска Овчаровска - вокал, Владо Овчаровски - гитара, Зоран Павловски - контрабас и Горан Спасевски - перкусии.
Групата постои од 2008 година и главно изведува традиционални песни од различни делови на светот. Од годинава е во процес на креирање авторска музика. (К.Р.) |