Број 3641  среда, 27 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Култура

Во Мотовун, Улрих Сеидл и Џулиен Темпл

„Панкот не е мртов“ не влезе меѓу финалистите за „Бауер“, но вклучен е во главна програма. А во жирито за најдобар регионален филм наш претставник е Теона Митевска

Сунчица Уневска

Четиринаесеттиот Мотовунски филмски фестивал, кој се одржува од 25 до 29 јули, започна со многу богата и невообичаена програма. Прво, од 21 јули организираше голема работилница на филмски фестивали, на која беа присутни дури 40 организатори на фестивали од цела Европа. А како предигра или своевидна најава годинава беше 1000-та проекција, за која беше одбран музичкиот филм на Вим Вендерс „Пина“ посветен на кореографката која „го измисли танцот“. Овој филм во Мотовун беше првата рег��онална open-air 3Д проекција, која како што велат од фестивалот, отвора и нова страница како прв европски филм прикажан во Мотовун на 3Д, но и прв арт-филм снимен со оваа технологија.

Мотовун е годинава по многу нешта необичен. Ова се води за негово 14. издание иако по ред е, всушност, 13. Но, организаторите, сепак, решија да го скокнат баксузниот број и ова да биде 14. издание, кое во само пет дена ќе донесе дури 90 филма распоредени во осум програми, а сето тоа во малото средновековно гратче сместено во срцето на Истра на ридот кој лежи на 277 метри над морето.

Во главната програма се вклучени 26 филма кои се борат за наградата „Пропелер“, а натпреварувачка е и Програмата на краток филм, иако во Мотовун се доделуваат навистина голем број награди. Како прва, секако, да ја спомнеме наградата „Бауер“ во рамките на која се бира најдобриот филм во регионот. Во оваа програма од селекторите на сите седум екс-југословенски земји беа избрани 11 филма, од кои селекторите и седумте членови на жирито избраа три, и тоа: хрватскиот „Мајка на асфалтот“ на Далибор Матаниќ, словенечкиот „Татко“ на Владо Шкафар и српскиот „Тилва Рош“ на Никола Лежаиќ. Од Македонија беше предложен „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, кој не влезе во финалето за „Бауер“, но затоа е вклучен во главната програма на фестивалот. Инаку, во седумчленото стручно жири составено од претставници од сите земји, од Македонија е режисерката Теона Митевска.

Главната програма ја селектираше хрватскиот филмски критичар Јурица Павичиќ, кој вели дека годинешната програма е исклучително хетерогена, но повторно има многу силна репрезентација на европски филмови. Иако годинава се присутни и сите континенти, освен Африка, а за првпат е вклучена и Украина преку филмот „Во сабота“ на Александар Миндаѕе. Од регионот, покрај „Панкот не е мртов“ за наградата „Пропелер“ ќе се натпреваруваат и словенечкиот „Татко“, три филма од Хрватска: „Флеки“, „Мрак“ и „Коко и духови“, турскиот „Беше еднаш во Анадолија“ кој е направен во копродукција со Босна и Херцеговина и од соседството бугарскиот „Мисија Лондон“. Во селекцијата се вклучени и неколку источноевропски класици, и тоа Јежи Сколимовски со „Убиство од нужда“, Бела Тар со „Торински коњ“ и Желимир Жилник со „Една жена - еден век“. Карактеристика на годинешната програма се и доста криминални филмови, кои низ необичен агол зборуваат за прашањата на идентитетот, нацијата, семејството.

Годинава земја партнер на Мотовун е Ирска, од каде што доаѓаат дури 16 филма. Ќе се одржи и мини-ретроспектива на контроверзниот австриски автор Улрих Сеидл, кој ќе ја прими наградата „Маверик“ што се доделува за иновативност и нов филмски израз. А повторно ќе биде доделена и „Непоткупливата награда“ за филм кој најдобро го третира проблемот на корупција. Годинава тоа е најгледаниот бугарски филм „Мисија Лондон“, во која Македонија е копродуцент. Додека наградата за „50 години на филм“ ќе му припадне на доајенот на хрватската музика Милјенко Прохаска.

Една од провокативните програми во ова издание е и „Кино Реметинец“, во која е вклучен избор на филмови со затворски теми што го направи уметничкиот директор на фестивалот, режисерот Рајко Грлиќ, која алудира на актуелните хравтски политички драми. А гостин и од оваа година соработник на фестивалот, ќе биде уште една исклучителна контроверзна фигура, британскиот музичар Џулиен Темпл кој направи сопствен избор на музички документарци специјално за Мотовун. Овој фестивал е своевиден Карлови Вари на нашите простори, по атмосферата, по посетата на младите, но и по бројните свирки и придружни настани. Како сето тоа ќе прозвучи по 14. пат ќе видиме.


#
Статијата е прочитана 426 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Женес мувинг оркестра“ вежба во спортска сала
„Охридско лето“ ја потроши првата третина
Два концерта на „Скопско лето“

"""