Државата ни вели да слушаме турбофолк-музика
Проектот „Најдоброто од Македонија“ на Агенцијата за млади и спорт е спорен, нетранспарентен и промовира кич-вредности
Тина Иванова
Не е ништо ново ако се каже дека кај нас веќе одамна се изместени критериумите и односот за тоа што е култура, што таа претставува и какво влијание треба да изврши врз народот, што е квалитетна уметност, во случајов музика, и на кој начин таа треба да се третира. Се вреднуваат крајно лоши продукти, се искачуваат на високите скалила оние на политички подобните, блиските до власта, додека вистинските добри дела остануваат на дното. Државата прави бесмислени проекти по некакви поводи, кои носат чудни и��иња, а кои и покрај неволјата на граѓаните тие, сепак, излегуваат на виделина, се рекламираат на огромни билборди и, што е најмизерно, ни се наметнуваат како врвни дела.
Се' уште го паметиме минатогодишниот проект „Кирилицо испеана“, на пример, финансиран од Владата, кој претстави дел од македонските шлагери, на времето испеани од најдобрите македонски грла, а сега завиткани во нова, но крајно недолична верзија во изведба на некои од новите поп-пејачи. Се осквернавија едни од највредните музички дела што ги паметевме токму по извонредната интерпретација, музика и аранжмани. Ова беше сосема непотребен проект, нешто слично како оној од пред неколку години на Агенцијата за млади и спорт кога беа невкусно преработени дел од прекрасните македонски народни песни.
Владата и овој пат, а по повод 8 Септември, преку Агенцијата за млади и спорт финансира проект насловен „Најдоброто од Македонија“ - компакт-диск со избор од најдобрите 100 македонски песни од областа на забавната, народната музика и детски песни. АМС на својата веб-страница го објави изборот на песните и за нив можеше да се гласа по СМС или на Интернет. Но, повторно, како и некои други владини проекти, и овој е завиен во мистерија. Предлозите на песните, како што беше објавено, биле по избор на музички уредници, композитори и аранжери, но нивните имиња никаде не се објавени. Ниту, пак, е објаснето по кои критериуми е направен изборот на темите, а и самото гласање не беше транспарентно.
Она што најмногу ја иритира јавноста е насловот на проектот -„Најдоброто од Македонија“. Во уметноста не постои категоријата најдобро. Уметничките дела не можат да се натпреваруваат како на коњски трки. Постои различно, поинакво. Но, еве, и да се следи насловот, доколку беа објавени криетериумите за тоа што е добро, односно што важи за најдобро во изминативе две децении, тогаш во изборот на 100-те песни за кои граѓаните можеа да гласаат не се најдоа уште многу истакнати композиции од македонски музичари и групи што оставија силен печат во македонската музичка култура, како и нови, прогресивни, урбани уметници кои го бележат времето што го живееме.
Дали Владата преку АМС се обидува и со овој свој најнов проект да биде единствениот арбитар во македонското општество и во сферата на културата и уметноста, па и на забавата? Кај неа се народните пари и тоа е единствениот критериум со кој си ја доделила задачата да ни ги соопшти најдобрите историски достигнувања во македонското музичко творештво. Власта и со овој потег си го присвои ексклузивно само за себе правото да одреди што е историското вредно. Практично, манифесира манири со кои упатува дека го приватизира не само јубилејот 20 години независна Македонија, туку и целата 20 годишна самостојност на нашата дежава. Па, еве, и со овој нејзин проект, таа ќе ни каже „што е најдоброто во Македонија“. Како во „добрите“ стари комунистички времиња чија методологија власта ја присвои за своја доктрина на владеење со македонското општество.
За проектот „Најдоброто од Македонија“ се дебатираше и на социјалните мрежи, на блоговите, меѓу културните работници. Блогерот Филип Стојановски кој на својата страница razvigormk.blogspot.com објави текст под наслов „Владата вика Даутовски, Синтезис и Анастасија се небитни за македонската музика“, вели дека за него основен проблем е процесот на изборот на песните, а не крајниот список, оти меѓу избраните има сосема добри нумери. „Но, важно и кому се државата не му обезбедила можност да влезе во ’трката‘. Ако еден проект е национален, тогаш тој треба да го одразува богатството на целата држава и сите што работеле на тоа поле да имаат подеднакви шанси. Вакви официјално наречени ’историски‘ избори мора да се транспарентни и стручни, со обезбеден механизам за спречување на било каков конфликт на интерес, необјективност и арбитрарност. Се трошат огромни ресурси што сите граѓани ги плаќаат и уште поважно, се работи за угледот на земјата и институциите. Зарем е можно сите песни испеани на разни јазици во Македонија кои се мајчини за 1/3 посто од населението да се толку лоши што ниту една не ’заслужила‘ да влезе во изборов?“, прашува Стојановски. Според него, нивото на општествена одговорност за вакви проекти е огромно и ако некој затворен круг ги носи одлуките, можноста за гласање откако се наредени картите не може да послужи како алиби дека тоа е избор на народот.
Она што при изборот за многумина е исто така проблематично, е списокот на турбофолк песни што ќе се најдат на цд-то. Стојановски вели дек�� во рамките на етничката македонска култура, самиот концепт на изборот фаворизира турбофолк како врвна вредност наспроти други музички правци, а особено наспроти модерните интерпретации на изворната народна музика. „Со проектов државата на младите им наложува (препорачува) што да слушаат, а притоа од изборот исклучува и врвни имиња со огромен придонес за зачувување на традицијата, како Даутовски, Синтезис, Анастасија... за кои никој немало шанса ни да гласа. Современата музика освен најбазичниот поп исто така е исклучена, како ’класичната‘ така и де факто електронската. Јас не ги осудувам љубителите на турбофолк, секој има право да пее и да слуша што сака - тоа е дел од уставното право на слобода на изразување, но имаме проблем ако било што се наметнува од државата како врвна културна вредност - особено ако се работи за кич. Идејата за овој проект е добра, но народот бара и добра реализација, а не избор врз основа на лични вкусови. Затоа и мојот блог-пост постигна прилична популарност на социјалните мрежи, со повеќе од 1200 посети за само една вечер“, истакнува Стојановски.
Фронтменот на групата „ПМГ“ и диџеј, Мирко Попов, вели дека Агенцијата за млади и спорт, освен што е банална пералница за пари, се истакнува и со дегутантниот став и однос кон македонската култура, во овие два случаја-музика. „Како и повисоките државни инстанци, така и оваа партиска филијала се одликува со некомпетентност, што е главна карактеристика на нашите државни институции со децении. Во овие случаи, очигледен е недостатокот на познавање на сопствените музички достигнувања, но и бирократското фаворизирање на површното, сомнителното, па и партиското. Музичкиот избор, но и целосната организациона поставеност во целава ’акција‘ упатува на неверојатно ниско ниво на вкус и неспособност за продукција на било што релевантно“. Попов вели дека не е изненаден од сето ова и дека ќе бидеме сведоци на уште едно автентично културно фијаско, финансирано со парите на даночните обврзници. „Мислам дека целава фарса многу бргу ќе се заборави, но неспособноста да се препознаат вистинските вредности во сопствената култура речиси сигурно води кон пропаст на истата, или трансформација во нечија друга.“
Костадин Шурбановски од „Канал 103“ го оценува проектот „Најдоброто од Македонија“ како уште еден во низата дилетантски „проекти“ на државата и нејзините служби, достоен за подбивање и потсмев. „Несериозен пристап, хаотични критериуми за избор, катастрофална селекција... Да не беше финансиран од народни пари, ќе речев дека треба комплетно да се игнорира, бидејќи не е вреден ниту за спомнување, нешто како ’МК избор на песна за Евровизија’“. |