Уставниот суд, конечно, го отвори случајот за ДУП „Мал ринг“
Формирањето на предметот задоцни повеќе од еден месец поради колективниот одмор на судиите
Уставниот суд конечно го формира предметот за оценување на законитоста на Детаљниот урбанистички план „Мал ринг“, иницијатива што ја поведе градоначалникот Трифун Костовски кон крајот на јули. Иако помина повеќе од еден месец од поднесувањето на иницијативата, предметот е ставен на дневен ред во судот дури пред некој ден. Од Уставниот суд објаснуваат дека причина за тоа е колективниот одмор на судиите. Предметот се наоѓа во фаза на претходна постапка, односно обезбедување факти и докази и од прозваната страна, што е вообичаена практика. Во случајов, судот побарал надлежните од Општина Центар да достават документација за случајот.
„Не сум сигурен дали сме добиле нешто официјално, но во секој случај ќе ја почитуваме процедурата и на судот во законски предвидениот рок ќе му доставиме повратна информација“, ни изјави вчера Владо Петровски, раководител на правната служба во Општина Центар. Дури откако општинарите ќе ја завршат својата обврска, Уставниот суд врз основа на целата документација ќе одлучи дали ќе го исполни барањето на Градот за изрекување мерка за привремено запирање на извршување на одлуката.
Од Градот сметаат дека има основа за исполнување на нивното барање за привремена мерка и се убедени дека сите факти се на нивна страна. И покрај оптимизмот дека правдата ќе биде задоволена, градските власти коментираат дека по последните превирања на релација Влада-Град Скопје, сепак, се сомневаат на исход што би резултирал независно од нечија политичка волја.
Инаку, покрај иницијативата на градските власти, преиспитување на постапката за ДУП „Мал ринг“, во чии рамки се наоѓа и црквата на плоштадот, најави и Антикорупциската комисијата. До која фаза се нивните анализи, вчера не добивме одговор, бидејќи антикорупционерите до идната недела се на годишен одмор. (Дс.Т.) |