Двокатните автобуси ќе им ги сменат навиките на граѓаните
Експертите сметаат дека новите возила нема да бидат решение за капацитетот и брзината на превозот
Снежана Калабакова
Скопје ќе добие 100 двокатни автобуси, а граѓаните ќе мора да променат одредени навики и да се адаптираат на нивната употреба. Најавеното воведување двокатни автобуси во јавниот градски превоз предизвика поделени мислења во јавноста. Додека едни ја критикуваат идејата, други воодушевено веруваат дека со нив ќе му се врати духот на Скопје.
Сепак, некои сообраќајни експерти тврдат дека овие возила нема да му дадат нов импулс на јавниот превоз. Нема да се реши ниту прашањето со капацитетот во возилата, бидејќи тој е еднаков на сегашниот во единечните автобуси на ЈСП. Експертското мислење е дека дури ќе се зголеми и времето на задржување на постојките. Од друга страна, ќе бидат потребни и дополнителни вложувања, бидејќи ќе бидат неопходни нови решенија за вертикалните семафори, интервенции на градските дрвореди, а можеби проблем ќе се јави и кај подвозниците, доколку кај некои не се запазени градежните прописи да имаат висина од 4,5 метри.
Во зависност од производителите, двокатните автобуси имаат различни димензии. Оние со две врати се долги 11 метри, а со една 10,3 метри. Висината на возилата е од 3,8 до 4,3 метри. Ги произведуваат фирми во Шведска и Америка. Еден таков нов американски двокатен автобус чини 400 илјади евра, додека еден нов обичен автобус чини од 130 до 250 илјади евра. Возилото е климатизирано, има автоматски менувач, дизел-мотор и рампа за хендикепирани лица. Американските двокатни автобуси во споредба со единечните на ЈСП имаат многу поголема потрошувачка на гориво. Ваквиот автобус има висина од 4,3 метри и должина од 12 метри. Неговиот капацитет е 82 седишта и 28 места за стоење, што значи може да превезе максимум 110 патници, исто како еден соло автобус на ЈСП „Скопје“, кој има иста должина и ист капацитет.
Денес во светот постои тенденција да се произведуваат автобуси-возови, долги 28 до 32 метри, што е колку два зглобни автобуса на ЈСП. Ваквите возила, што ги произведува „Волво“, се пуштаат на долги линии, а излегувањето на патниците е на четири или минимум три врати, што значи брзо тргнување на постојките.
Според анализите на домашните сообраќајни експерти, најголемата оддалеченост на која секојдневно патуваат жителите на главниот град е 3 до 4 километри и пристигнуваат за петнаесетина до дваесет минути. Светските искуства зборуваат дека двокатните автобуси се користат најчесто на подолги релации, заради пот��ебното време за симнување од горниот кат. Поради косината на скалилата за искачување, многу потешко до него ќе стасуваат постарите лица. Домашните експерти велат дека безбедноста во автобусите кај нас ќе биде најголемиот проблем, бидејќи возачот ќе нема можност да контролира што се случува на горниот кат.
|