Иванов го сака хрватско-словенечкиот модел за преговори со ЕУ
Рим - Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов вчера побара од својот италијански колега, Џорџо Наполитано, да иницира во македонско-грчкиот спор да се примени хрватско-словенечкото искуство.
„На Наполитано му укажав дека во последно време е создадена позитивна атмосфера и враќањето на довербата меѓу Македонија и Грција овозможува да се дојде до решение што би било заемно прифатливо“, изјави претседателот Иванов по средбата со италијанскиот претседател во Рим.
Во таа насока, како што рече Иванов, беше и заложбата упатена до Наполитано да иницира во нашиот случај да се примени хрватско-словенечкото искуство кога двата процеса - на евроинтеграции и на изнаоѓање решение на билатералниот проблем, се одвиваат паралелно. Иванов го информирал Наполитано за македонската позиција и она што го презема Македонија за да се дојде до решение.
Двајцата претседатели разговараа и за продлабочувањето на македонско-италијанскиот политички дијалог, како и за состојбите во Македонија и во регионот. Наполитано на средбата го информирал Иванов за сето она што го прави Италија за Балканот, за помошта што ја дава и за заложбите што ги има како држава што секогаш е присутна во регионот. (МИА)