Број 3329  сабота, 10 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Свет

Шпионска размена како на филм

Руските тајни агенти „спијачи“ заменети за четворица Руси кои шпионирале за САД

ВАШИНГТОН – САД и Русија направија најголемата шпионска размена од студената војна. На аеродромот во Виена во еден авион беа донесени десетте руски агенти депортирани од САД по судското сослушување на кое тие признаа дека биле агенти на странска земја. За другиот се вели дека донел четири лица осудени за шпионирање во Русија, но им било дадено помилување од претседателот откако потпишале признание за нивната вина.

И двата авиона повторно го напуштиле аеродромот по околу 90 минути. За рускиот авион „ЈАК 42“ што ги пренел четирите лица помилувани од страна на Москва дека слетал на аеродромот во Виена речиси во исто време како и „боинг 767-200“ на „Вижн ерлајнс“ од Њујорк во кој се наоѓаа руските агенти.

На телевизиските снимки се гледаат двата авиона паркирани еден до друг на пистата. Покриени скалила беа донесени до двата авиона и не можеше да се види трансферот на агентите.

Десеттемина осудени руски тајни агенти во четвртокот доцна попладнето беа префрлени од САД со авион, кој се упати кон Атлантскиот Океан, како дел од договорот со Москва брзо да се стави крај на епизодата што се заканува да ги наруши односите меѓу овие две земји. Токму кога руските шпиони беа набрзина депортирани, четворица Руси, за кои се смета дека шпионирале за САД, и нивните сојузници беа помилувани од страна на Кремљ и подготвени за ослободување на Запад. Претседателот Дмитриј Медведев ја потпиша наредбата за нивно ослободување и тие се очекува во најкус можен рок да ја напуштат Русија.

Ниту една од владите не кажа каде првично ќе се упатат нивните затвореници, но еден официјален претставник запознат со ситуацијата изјави дека руските шпиони најпрво заминале за Виена, каде што ќе бидат предадени пред да заминат за Москва или за секоја друга крајна дестинација. Четворицата Руси вчера изутрина по московско време требаше да бидат ослободени и, исто така, најпрво упатени кон Виена, бидејќи и двете страни ставија јасно до знаење дека во најкус можен рок ќе го остават зад себе овој инцидент.

Брзото завршување на случаите, само 11 дена по апсењето на руските агенти, ги врати сеќавањата на спогодбите во стилот од студената војна, меѓутоа ја нагласи новата ера во односите меѓу Вашингтон и Москва. Претседателот Обама направи „ресетирањето“ на руско-американските односи да биде најголем приоритет на неговата надворешна политика и тивката соработка околу шпионскиот скандал навестува дека Кремљ, исто така, го цени затоплувањето на односите. „Договорот што го постигнавме денес обезбедува успешно решение за САД и нивните интереси“, изјави државниот обвинител Ерик Холдер.

Неколку часа п�� судското сослушување во Њујорк, Кремљ обелодени дека претседателот Дмитриј Медведев ги потпишал помилувањата за четворица Руси, кои се сметаат за шпиони, откако секој од нив потпишал изјава со која ја признаваат вината. Кремљ ги идентификуваше како Игор Сутјагин, истражувач во областа за контрола на оружјето, кој 11 години беше во затвор, Сергеј Скрипаљ, полковник во руската воена разузнавачка служба осуден во 2006 година на 13 години затвор за шпионирање за Велика Британија, Александар Запорошки, поранешен агент во руската надворешна разузнавачка служба, кој одлежа седум од 18-годишната казна и Генадиј Василенко, поранешен мајор на КГБ кој беше уапсен во 1998 година за контактирање со агент на ЦИА, но подоцна ослободен за повторно да биде уапсен во 2005 година и потоа осуден по обвиненија за илегално поседување оружје.

Во соопштението, руското Министерство за надворешни работи го припишува постигнатиот договор на затоплувањето на односите меѓу Вашингтон и Москва. „Оваа акција беше спроведена во контекст на подобрените руско-американски односи. Оваа спогодба дава причина за надеж дека правецот за кој постигнаа согласност Русија и САД ќе биде соодветно реализиран во практика и дека нема да успеат обидите да се исфрли од колосек“. Портпаролот на Белата куќа, Бен Родз, изјави дека епизодата нема да влијае на „ресетирањето“ и дека двете страни ќе соработуваат секогаш кога ќе биде возможно тоа, „дури и кога ќе ги браниме нашите интереси кога нема да се согласуваме“.

Сензационалниот случај како од шпионски роман - дополнет со невидливо мастило, изгорена готовина и црвенокоса убавица чиишто романтични подвизи се пренесени во таблоидите - дојде до драматичен расплет во судот. Десеттемина обвинети седеа во поротничките клупи додека нивните адвокати и обвинителите ја преполнија судницата. Некои од руските агенти беа облечени во затворска облека над портокалова маичка, додека, пак, другите беа во цивилна облека. Наталија Переверзева, на пример, позната како Патриција Милс, беше облечена во фармерки во темен џемпер.

Неколкумина од обвинетите меѓусебно разговараа. Некои изгледаа намуртено. Вики Пелез плачеше додека им гестикулираше на синовите. Во еден момент судијата Кимба Вуд го праша секој од десеттемина обвинети да го каже вистинското име. Првиот во редот беше човекот познат како Ричард Марфи, кој со сопругата и двете деца живееше во Монтклер, Њу Џерси. Тој кажа дека неговото име е Владимир Гурјев. Потоа стана неговата сопруга. „Моето вистинско име е Лидија Гурјеева“, изјави таа.

Сите, освен Ана Чепман, Михаел Семенко и госпоѓа Пелез, зеле лажни имиња во САД. Сите десетмина се изјаснија за виновни по една точка за заговор да дејствуваат како агенти на странски влади без соодветно регистрирање; властите посочија дека ќе ги отфрлат посериозните обвиненија за заговор за перење пари со кои осуммина од обвинетите се товарат. Тие не се обвинети за шпионажа, наводно, бидејќи не обезбедиле доверливи информации. Сите од нив се согласија никогаш да не се вратат во САД без дозвола од јавниот обвинител. (Њујорк тајмс)

Виена останува шпионски центар

Лондон - Повеќе од 20 години по завршувањето на студената војна и падот на Берлинскиот ѕид, кој политички и идеолошки ја делеше Европа, разузнавањето продолжува да дејствува во „заднината“ на некогашните непријатели Русија и САД, но и на европска почва, при што Виена беше и останува обележана како шпионски центар, забележува Би-Би-Си, објаснувајќи зашто токму во австрискиот главен град се врши размената на десттемина руски шпиони во САД, за четворица Руси, фатени и осудени во Русија како американски и британски разузнавачи.

Сите разузнавачки агенции, кои имаа свои оперативци во Виена за време на студената војна, и сега се присутни и дејствуваат во градот, тврди Сигфрид Бер, раководител на австрискиот центар за разузнавање, пропаганда и безбедносни студии. Во изјава за Би-Би-Си, Бер вели дека времето на непријателство, недоверба и на меѓусебно шпионирање е веќе две децении поминато, но и во овој момент во австрискиот главен град има меѓу три и четири илјади разузнавачи и информатори.

Повеќето од нив се вклучени во економската и во технолошката шпионажа, затоа што политичкото разузнавање стана помалку важно, иако не е целосно исклучено од интересот на оперативците на разни агенции.

Виена стана шпионски центар, прв по завршувањето на Првата светска војна и распаѓањето на австроунгарската монархија, а особено во времето меѓу двете светски војни. По завршувањето на Втората светска војна австрискиот главен град беше полн со војници на сојузничките сили, победнички во војната, кои по 1955 година, кога Австрија прогласи неутралност, заминаа, но оставија разузнавачи што требаше да ја надгледуваат „другата страна“.

По чехословачките настани од 1968 година, Виена одново стана место каде што се среќаваа и се судираа тогашниот Запад и Исток, што заврши сосема по падот на комунизмот во Европа. Сегашното расчистување на најновиот шпионски скандал меѓу САД и Русија, прв по завршувањето на студената војна, во Виена покажува дека овој град и понатаму е разузнавачка раскрсница, јавува Би-Би-Си. (МИА)




#
Статијата е прочитана 1053 пати.

Испрати коментар

Од: Torbes_Italy
Датум: 10.07.2010 13:06:44
E dragi moj citateli,nije barame pomoz od golemite sili kako realni bozem,a videte sto se rabotat i toa javna razmena na spijuni,ciao

Најди! во Утрински
Свет
Духовите на Гандамак
Нема каменување до смрт за грешната Иранка
Расни немири по осуден бел полицаец
За северно Косово нуди столче во ОН
Бомбаш самоубиец уби 56 лица