Нема каменување до смрт за грешната Иранка
Сакине Аштијани (43) веќе е казнета со камшикување за „незаконска врска“
ТЕХЕРАН - Иранските власти соопштија дека жената што е осудена за прељуба нема да биде каменувана до смрт. Меѓутоа, не е јасно дали ја укинаа смртната казна за Сакине Мохамади Аштијани, која е в затвор во Табриз уште од 2006 година. Четириесет и тригодишната жена веќе е казнета со камшикување за „незаконска врска“ надвор од бракот кога друг суд и' судеше за прељуба. Се води меѓународна кампања за да се спречи таа да биде каменувана.
Британскиот секретар за надворешни работи, Вилијам Хејг, изјави дека каменувањето е „средновековна казна“ и оти неговото натамошно користење покажува дека Иран не ги почитува човековите права. „Доколку се спроведе казната тоа ќе предизвика одвратност и ужас кај светската јавност“, изјави тој во четвртокот на конференцијата за печат во Лондон.
Според строгата интерпретација на исламскиот закон во Иран, сексот пред брак е казниво дело за кое се изрекува казна од сто камшикувања, додека, пак, виновниците кои се во брак се осудуваат на смрт со каменување. Камењата што се употребуваат во таа намена мора да бидат доволно големи за да предизвикаат болка, но не таква што веднаш ќе ги убие. Адвокатот на Аштијани и активист за човекови права предупреди дека нејзината егзекуција е неизбежна, откако беа отфрлени апелите за милост.
Во мај 2006 година кривичниот суд во провинција во источен Азербејџан ја прогласи за виновна Аштијани дека имала „незаконска врска“ со двајца мажи по смртта на сопругот. Таа беше казнета со 99 камшикувања. Меѓутоа, во септември истата година за време на судскиот процес на мажот обвинет за убиство на нејзиниот сопруг, друг суд повторно го отвори случајот со прељуба врз основа на настаните што, наводно, се случиле пред смртта на нејзиниот сопруг. И покрај повлекувањето на признанието за кое таа рече дека било изнудено, Аштијани беше прогласена за виновна. (Би-Би-Си) |