Број 3329  сабота, 10 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Свет

Духовите на Гандамак

Проблемите на НАТО во Авганистан сега се реЧиси
исти со оние на Британците пред 170 години. Дали поразот е неминовен

Вилијам Далримпл


ЊУ ДЕЛХИ - Името Гандамак денес малку значи на Запад. Сепак, тоа мало село во Авганистан порано било познато по катастрофата што се случила таму за време на Првата англо-авганистанска војна во јануари 1842 година, веројатно најголемото понижување што некогаш го доживеала една западна армија на Исток.

Текот на таа далечна викторијанска војна следеше траекторија, која почнува да изгледа многу познато. Во 1839 година Британците извршија инвазија на Авганистан врз основа на дубиозни разузнавачки информации за непостојна закана: информацијата за еден руски пратеник во Кабул беше изманипулирана од група амбициозни лажговци за да се создаде страв за фантомска руска инвазија и на тој начин да доведе до непотребен и во целост избеглив конфликт.

Во почетокот британското освојување се покажа како неверојатно лесно и без крвопролевање, Кабул беше освоен за неколку месеци и на тронот беше поставен послушниот монарх Шах Шуџа. Потоа почна востание, кое откри дека првиот опоен успех, прв меѓу Паштуните од Кандахар и од Хелманд, бавно се движи кон север, се' додека не дојде до главниот град.

Она што се случи потоа е предупредување за тоа колку лошо можат да тргнат работите: во Кабул почна востание од големи размери против Британците, двајца највисоки британски пратеници беа убиени, што направи британската окупација да биде невозможно да се одржи. За време на катастрофалното повлекување што следуваше, околу 18.000 припадници на источноиндиската единица и можеби уште половина од таа бројка помошен персонал на индискиот логор (процените варираат), беа масакрирани од авганистански стрелци, кои чекаа во заседа во услови на снежни врнежи и кај високи планински премини, убивајќи ги војниците додека тие тешко се движеа низ студената зима во Авганистан.

Последните 50 или нешто повеќе преживеани успеаја да стигнат до крајното одредиште во Гандамак. Само еден човек, Томас Сутер, доживеа да ја раскаже оваа трагедија. Тоа е мерило за неверојатно значајни паралели меѓу настаните од 1842 и денешните, каде што една од главните НАТО-бази во Авганистан е наречена „Камп Сутер“.

За викторијанските Британци Гандмак стана симбол на најголемиот империјален пораз во историјата на земјата, како и симбол за храброста: прославената слика на Вилијам Барнс Волен - „Последното одредиште на 44. пешадиска единица“ - група храбри британски војници, кои стојат во круг зад своите бајонети додека им се приближуваат припадници од племето Паштуни - беше една од најпознатите слики за тоа време.

За Авганистанците, пак, Гандамак стана симбол на слободата и на нивната одлучност да одбијат да бидат контролирани од некоја странска сила. Повторно не е случајно тоа што дипломатскиот кварт во Кабул е именуван по лидерот на авганистанскиот отпор, кој беше сведок на поразот на Британците кај Гандамак, Вазир Акбар Кан.

Гандамак се протега на планинскиот венец, кој води до Тора Бора и пакистанската граница, област што отсекогаш била центар на талибанците. Се обидував да ја следам маршрутата на британското повлекување, но ме советуваа да не се обидам да ја посетам областа Гандамак без локална заштита. Така, заминав во придружба на локален племенски лидер кој, исто така, е и министер за спорт во владата на Карзаи, Анвар Кан Џигдалек. Анвар Кан е корпулентен човек, поранешен шампион во борење, кој станал познат како муџахедински командант во борбата против Советскиот Сојуз во 80-тите години од минатиот век.

Го напуштивме Кабул, ги поминавме ѕидовите за заштита од експлозии на објектите на НАТО, кои беа изградени токму на местото каде што пред 170 години се наоѓаше британскиот војнички логор, и се упативме во правец на мрачни планински премини што го поврзуваат Кабул со Кибер Пас. Кај Сароби го напуштивме главниот пат и навлеговме во талибанска територија, се појавија пет камиони полни со муџахедини, поранешни соборци на Анвар Кан, сите мавтајќи со ракетни фрлачи, кои не' придружуваа.

Во Џигдалек, на 12 јануари 1842 година, 200 смрзнати британски војници се најдоа опколени од неколку илјади Паштуни. Двајца британски офицери беа земени како заложници. Само педесетина од овие пешаци подоцна успеаја, со паѓањето на ноќта, да стигнат до крајното одредиште во Гандамак.

Ова беше прва посета на Анвар Кан на неговиот дом откако тој стана министер и селаните направија гозба во наша чест, во мугал стил, во овоштарникот со кајсии. Седнавме на килими веднаш до каналите за наводнување, под сенката на виновата лоза и расцветаните калинки, додека пред нас се принесуваа ќебапи и ориз помешан со црници.

Беше речиси 17 часот пред да биде кренато и последното парче наан леб, а нашите домаќини одлучија дека е премногу доцна да се оди кон Гандамак. Место тоа, таа вечер отидовме во најблискиот голем град Џалалабад каде што откривме дека за малку сме избегнале опасност: таму, во Гандамак, тој ден имало голема битка меѓу владините сили и група селани и талибанските борци. Нашата лакомост не' спаси да влетаме право во заседа.

Пресметката се случила токму на местото каде што било последното одредиште на Британците. Во Авганистан историјата на империите, по се' изгледа, се повторува со речиси необјаснива точност.

Следното утро присуствував на џирга, или собир на племенски старешини, на кој мудрите глави на Гандамак доаѓаат под знамето на примирјето да дискутираат што се случило претходниот ден. Старешините раскажуваа како претходната година владините сили се појавиле за да ја уништат жетвата на опиум. Војниците им ветиле на селаните целосна компензација, па затоа и им било дозволено да ги запалат посевите. Но, парите никогаш не пристигнале.

Очајните селаните посеале афион информирајќи ги локалните власти дека, ако некој се обиде да го запали посевот, ќе немаат друга опција туку да се спротивстават: тие имаат деца што треба да ги нахранат. Кога повторно се појавија војниците, речиси во исто време кога ние пристигнавме во Џигдалек, селаните ги чекале и побарале помош од локалните талибанци. Во борбите девет полицајци биле убиени и десетмина полицајци биле земени како заложници.

Отсекогаш имало целосно одбивање од страна на Авганистанците да бидат покорени од странци. Тогаш, како и сега, владетелот-марионета инсталиран од Западот се покажа како недораснат за таа работа. Тогаш, како и сега, има само неколку видливи знаци за подобрување на животот под режимот поддржан од Запад: и покрај милијардите долари што се испраќаат во Авганистан улиците на Кабул се полоши отколку оние во најмалите провинциски градови во Пакистан. Таму има незначителна здравствена заштита: за некој посериозен медицински проблем пациентите треба да одат во Индија.

Тогаш, како и сега, присуството на доброплатените странски војници е причина цената на храната и на продуктите да се зголемува, а животниот стандард да опаѓа; Авганистанците чувствуваат дека стануваат се' посиромашни, а не побогати. Тогаш, како и сега, постои обид за последно покажување на сила, со цел да се спаси образот пред повлекувањето. Годинашното зголемување на воените дејства даде многу мали резултати, освен цивилни жртви.

Меѓутоа, не е премногу доцна да се научат некои лекции од грешките на Британците во 1842 година. Тогаш британските официјални лица во Кабул веруваа дека постои воено решение за проблемот и оти ако можат да регрутираат доволен број Авганистанци во својата армија на крај би можеле да се вратат дома и да постават послушен режим на власт. Додека не сфатија дека ќе треба да преговараат и да постигнат компромис со непријателот, нивната моќ премногу опадна и единствена работа за која бунтовниците беа подготвени да разговараат беше безусловно предавање.

И денес нема лесно воено решение за Авганистан: дури и ако продолжиме со сегашниот план да трошиме милијарди долари во опремување на авганистанската армија од половина милион војници, таа сила никогаш нема да биде способна да ја гарантира безбедноста или да поддржи таков компромитиран режим. Секој ден, и покрај покажувањето воена сила од страна на САД, безбедносната ситуација е се' полоша, а областа под владина контрола се стеснува.

Единствен одговор е да се преговара за политичко решение, додека се' уште имаме моќ тоа да го правиме, што во некоја форма или друго значи разговарање со талибанците. Во спротивно, би можеле да се соочиме со повторување на 1842 година.

(Текстот е објавен во

„Интернешенел хералд трибјун“)


#
Статијата е прочитана 345 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Шпионска размена како на филм
Нема каменување до смрт за грешната Иранка
Расни немири по осуден бел полицаец
За северно Косово нуди столче во ОН
Бомбаш самоубиец уби 56 лица