Ариел Шарон го вратија дома
Со години ништо не се спомнуваше за судбината на експремиерот што падна во кома во 2006 година
Поранешниот израелски премиер Ариел Шарон е префрлен од болница во својот дом. Овој 82-годишен човек е во кома уште од 2006 година, кога доживеа тежок мозочен удар. Лекарите велат дека се надеваат оти тој со текот на времето ќе биде во можност да остане во својот дом со цел медицински тим што ќе се грижи за неговото здравје. Медицинските лица наведоа дека процесот за неговото префрлање дома, ранч во јужниот дел на Израел, бил постепен.
Поранешниот премиер беше преместен вчера, во раните утрински часови, од болницата „Шеба“, во близина на Тел Авив, до семејниот ранч. „Денес, во 2010 година, желбата на секој пациент, наша желба во болницата е да се осигура дека секој хроничен пациент, кога тоа ќе биде можно, да биде со своите најблиски, дома“, изјави д-р Шломо Ној, директор на одделот за рехабилитација во болницата, за израелското радио. „Секако дека она што стои зад овој потег е надежта оти неговата ситуација ќе биде подобра. Но, подобрувањата за кои ние зборуваме во такви ситуации не се големи, не се драматични“, додаде тој.
Шарон се очекува да биде вратен во болницата за редовни контроли. На ова прво, внимателно подготвено, патување од болницата, поранешниот лидер беше придружуван од медицински тим и со целата неопходна респираторна машинерија за одржување во живот.
Дописникот на Би-Би-Си од Ерусалим јави дека иако тој е во непрекината кома и е голема веројатноста да не се разбуди од неа, Ариел Шарон се' уште фрла сенка врз политиката на Израел. Шарон беше почитуван од голем број Ирачани како голем воен лидер, но навредливо критикуван од Палестинците. Тој беше избран за премиер во 2001 година, ветувајќи дека ќе постигне „безбедност и вистински мир“. Беше енергичен промотор на експанзијата на државата и ја иницираше изградбата на безбедносниот ѕид околу Западниот Брег. Но, и покрај жестоката опозиција во Израел, тој нареди еврејските доселеници да ја напуштат Газа, како и иселување на четири населби во Западниот Брег.
Шарон, како министер за одбрана, ја организираше израелската инвазија врз Либан во 1982 година. За време на инвазијата либански христијански припадници на територијалната одбрана се здружија со Израел за да масакрираат стотици Палестинци во два бегалски кампа под израелска контрола. (Би-Би-Си) |