Мислења
Сами против кризата
Ден Дончев
Во рамките на овие светски тектонски случувања, ние како мала земја треба да сме свесни дека барем во наредните две години сме оставени сами
Глобалната економија се наоѓа на крстопат. Се поставува прашањето дали од лошо ќе биде уште полошо или, пак, веќе сме на дното на глобалната економска рецесија. Доколку станува збор за првото и ако историјата е некаков водич, ќе следуваат големи турбуленции во економските, политичките и општествените сфери во цел свет. Доколку станува збор за второто, односно рецесијата го „допрела дното“, најтешкото е поминато и веќе кон почетокот на есента би требало да има подобрување во глобалната економија.
Во почетокот на ова недела, главниот индекс на Њујоршката берза - „Дау Џонс“ се симна на 6.400 индексни поени. Од шпицот во октомври 2007 година, индексот падна за 57 отсто. Ова е вториот најголем пад во историјата на индексот „Дау Џонс“. Првиот се случи меѓу септември 1929 и април 1931 година, кога индексот панда за 89. отсто. Следуваше таканаречената „голема депресија“. Случајно или не, при крајот на таа деценија започна и Втората светска војна.
Големата депресија во триесеттите имаше катастрофални економски ефекти врз речиси секоја земја низ светот. Со цел да си ја заштитат домашната економија и домашните производители, некои земји драстично ги зголемија даноците и давачките на увезена стока. Следуваше соодветен реципроцитет, а ова резултираше со пад во меѓународната трговија за над 70 проценти. Значително падна индустриското производство, а во голем број земји градежништвото буквално сопре. Продажните цени на земјоделските производи паднаа за над 60 проценти, а слична ситуација се случи и со берзанските метали. Продажбата на автомобили опадна за над 70 отсто. Немаше сектор во економијата кој не беше значително погоден.
Краен резултат беше намалување на глобалното бруто-домашно производство за околу 25 отсто. Падот на домашното бруто-производство во земји како што се Канада и Австралија, чии економии во тој период, главно, беа зависни од земјоделие и рударство, беше уште подраматичен и изнесуваше над 40 проценти. Невработеноста во светот постигна просечна стапка од над 25 отсто. Ова доведе до социјални нереди во речиси сите земји. Следуваа многубројни политички трансформации кои донесоа влади со екстремно лева или екстремно десна ориентација. Во некои држави, народот се сврте кон националистички демагози, од кои најпознат беше Хитлер. Всушност, така беше поставена и „сцената“ за Втората светска војна. Не случајно и денес се' поголем број економски аналитичари јавно го поставуваат прашањето дали ќе следува глобална економска депресија. Споредбата на некои од денешните економски параметри со економските параметри од триесеттите години на минатиот век е застрашувачка и алармантна.
Како прво, индустриското производство во светот крахираше во последниот квартал од 2008 година. Светска банка неодамна даде прогноза дека до средината на 2009 година, глобалното индустриско производство може да опадне за цели 15 проценти. Цените на берзанските земјоделски производи, исто така, крахираа од постигнатиот „шпиц“ пред околу една година. Просечниот пад веќе е над 50 проценти.
Берзанските цени на метали, исто така, вртоглаво паднаа - за последните шест месеци, за 50 проценти просечно. Најалармантен е падот од над 80 отсто за една година на цената на бакарот. Бакарот е еден од најкористените метали во огромен број индустриски производи. Енормниот пад на цената на овој метал отсликува дека има драматично намалување на побарувањето од индустриските капацитети во светот, по што логично следува значителен пад на самото индустриско производство.
Глобалната трговска размена е намалена за 22 процента во последниот квартал во 2008 година и се очекува дополнително намалување во текот на оваа година. Сега се поставува прашањето за колку ќе се намали севкупната глобална трговска размена. Од некои земји, вклучително и САД, се' погласни стануваат барањата од разни лоби-групации преку поставувањето трговски бариери да се заштитат домашните фирми и индустрии. Вметнувањето клаузула за давање приоритет на домашни фирми при неодамнешниот стимулативен пакет од 800 милијарди евра на американскиот претседател Барак Обама, предизвика бурни реакции особено во Европа и во Латинска Америка.
Продажбата на нови автомобили во светот опадна за над 40 проценти во последниот квартал од 2008 година споредено со претходната година. Слично или полошо се очекува и за првиот квартал од 2009 година. Некогашните гиганти како што се „Генерал моторс“ и „Форд“ се доведени на прагот на банкрот. Јапонската „Тојота“ корпорација неодамна прв пат во својата историја објави годишна финансиска загуба.
Невработеноста во светот постојано се зголемува. Само во последните четири месеци, околу 2,6 милиони луѓе останаа без работа во најголемата светска економија - во САД. Сличен е трендот и во Европа. Моменталната стапка на невработеност од 8 отсто во САД е најголема во последните триесетина години. Повторно се поставува прашање до каде ќе достигне невработеноста, и во САД и во другите земји во светот?
Веќе е јасно дека глобалната економија ќе има намалување на домашното бруто-производство во 2009 година. Прашањето е за колку? Досега се знае дека најголемата светска економија - САД за последниот квартал во 2008 имаше негативен економски растеж од 6,2 проценти на годишно ниво. Очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи во првиот квартал од 2009 и падот на годишно ниво ќе биде над 7 проценти. Многумина аналитичари се прашуваат дали овој тренд на негативен растеж ќе се задржи, ќе се интензивира или, пак, ќе почне да се намалува од вториот квартал на 2009 година, па натаму?
На последново прашање не постои прецизен и сигурен одговор. Токму затоа берзанскиот индекс „Дау Џонс“ е паднат за 57 отсто. Со берзанските индекси владеат стравот и неизвесноста за иднината. Но, во овој критичен момент, веќе едно е сигурно - доколку индексот „Дау Џонс“ и понатаму продолжи значително да паѓа, тогаш со сигурност може да очекуваме тешки и турбулентни години за глобалната економија. Би следувало сценарио кое слободно може да го крстиме „Втората голема депресија“.
Лично не очекувам дека ќе се повтори сценариото од триесеттите години на минатиот век. Поучени од искуството, како и од ефектите од преземањето или непреземањето соодветни економски мерки во тоа време, денешните мерки преземени од глобалните центри на економска моќ би требало да спречат поголема економска катастрофа за глобалната економија.
Но, во рамките на овие светски тектонски случувања, како мала земја треба да сме свесни дека барем во наредните две години сме оставени сами. За разлика од минатото, денес не постои никаква реална надеж дека странски кредити, директни странски инвестиции или девизните дознаки и трансфери од дијаспората ќе не' извлечат на крај, како што беше досега тоа.
Затоа, како никогаш досега, станува неопходно да се преземат сериозни економски мерки за да се преброди економската криза, која штотуку ќе дојде во Македонија. Демагошки ветувања за некоја 2015 година овој пат нема да „палат“, ни кај „најобичниот“ граѓанин!
(Авторот е економски аналитичар) |