Број 3608  сабота, 18 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Македонија

Личности: Манчо Митевски

Хроничар на сите промени

Колегата Митевски го помина векот во новинарството од бунтовите во 1968, па до денешните протести на младите. Цела една ера на историјата на Македонија се прекршува низ неговата работа

Гордана Дувњак


Македонското новинарство бележи малку примери на „маратонци“, кои во оваа проклета, но, се��ак, убава професија го поминале целиот свој работен век, уште од студентските денови. Како припадник на генерацијата „шеесетосмаши“, Манчо Митевски е еден од нив со поминат 43-годишен стаж, кои во новинарството влегле случајно, а останале намерно.

„Утрински весник“ ја има таа привилегија, овој неуморен проследувач на општествените текови и педантен аналитичар, токму од своите редови да го испрати деновиве во пензија. Тоа се случува во најтешкиот период за весникот, кога тој се бори за својот опстанок. Во ова време, повеќе од кога било, ни треба професионалноста, здравиот разум на колегата Митевски и неговата способност да биде она важна „кочница“, која го спречува професионалното залетување и претерување.

Сепак, Манчо Митевски, кој, како што вели, весникот го доживува како свое семејство, е убеден дека весникот има иднина и оти ќе ги преброди сите тешкотии поврзани со своето постоење.

„Верувам дека сопствениците од ВАЦ веќе имаат донесено одлука ’Утрински весник‘ да остане на македонската медиумска сцена и длабоко сум уверен дека оваа криза, која е најголема, ќе се надмине и весникот ќе излезе посилен, бидејќи тоа е бренд што не смее да згасне“, вели Митевски.

Како се случи еден студент по право да влета во новинарството и толку да се вљуби во оваа професија, па во неа да остане до пензија?

Одговорот на Митевски е едноставен: „Бев запишан на Правен факултет кога почнав да се занимавам со новинарство во ’Студентски збор‘. Факултетот ми беше како дополнителна активност, а новинарството ми стана професија. Кога го завршив факултетот, веќе бев афирмиран новинар“.

Тврди дека не се сеќава на првиот објавен текст, но кажува дека зад себе има богата архива, бидејќи чува се' што напишал. Низ насмевка вели дека „од тоа би излегле стотина томови книги“.

Во „Студентски збор“ останал до одењето во војска, а во тие четири и пол години, почнал од најниската позиција и стасал до главен уредник.

„По отслужувањето на воениот рок, ме побара Мирко Миронски од ’Вечер‘. Една година бев обичен новинар и следев синдикат, а по една година станав уредник на Внатрешнополитичка рубрика. Во НИП-от упаднав во една навистина извонредна генерација новинари, меѓу кои, покрај Миронски, беа и Борис Поп Ѓорчев, постарите надворешни новинари, Филип Симоновски, Илија Зафировски, браќата Брежански... Следното мое работно место беше во ’Комунист‘, каде што од новинар и уредник станав главен уредник и директор“, се присетува колегата Митевски.

Во времето кога веќе се гледал крајот на еднопартискиот систем, по предлог на Редакцијата, било решено наместо „Комунист“, да се прави нов весник. Направен е елаборатот за „Магазин 21“, кој излегуваше извесно време, а по напуштањето на овој проект, Митевски повторно и' се врати на старата љубов - весникот „Вечер“, каде што остана се' до формирањето на „Утрински весник“.

Како се случи Митевски да биде дел од тимот кој во 1999 година го основаше „Утрински весник“?

„Мислам дека причината беше најпрофесионална. По промените што се случија во 1998 година, во Македонија се појави еден вид едноумие во времето на мандатот на Љупчо Георгиевски. Тогаш, се сеќавам, власта ги освои сите државни медиуми - НИП ’Нова Македонија‘, во нејзини рамки и ’Вечер‘, Македонската радио-телевизија. Беа поставени новинари-партиски мегафони, така што сите оние што нешто значеа во овие медиуми беа тргнати настрана“, додава Митевски.

Повеќе како анегдота го кажува и изразот што се користел духовито за новинарите кои од најразлични причини и' пречеле на уредувачката политика.

„Изразот Стенковец потекна од МРТВ. Сите новинари се ставаа во една соба. Земаа плата, а од нив се бараше да не пишуваат ништо. Бидејќи сите бевме професионалци, не можевме да се помириме со тоа и веднаш почнавме да разговараме како да го решиме проблемот“, објаснува Митевски.

Идејата за нов весник заеднички ја донеле со Ерол Ризаов, Бранко Тричковски, Љупчо Поповски и Васил Мицковски, бидејќи биле свесни дека како професионалци мора да создадат ново место за изразување на своите ставови. Но, тоа било и битка за опстанок.

Со мала доза носталгија признава дека има разлика меѓу поранешното новинарство и ова сега, кое, како што вели, тогаш било многу помераклиско. Сепак, само делумно се согласува со општоприфатеното мислење дека македонското новинарство е во криза.

„Новинарството како професија не е во криза. Повеќе во криза се медиумите и тоа треба јасно да се разграничи. Едно е новинарството, а друго е медиум што работи под диктат на сопственикот“, вели Митевски.

Тој и во својата последна колумна ќе напише дека слободата на новинарството за која толку многу се зборува зависи од самите новинари. Колку новинарот ќе си обезбеди слобода, толку ќе биде слободен. Ако самиот се ограничи со автоцензура, не може да биде слободен.

„Во Македонија се појави една нова групација новинари, кои сите ги нарекуваат мегафони. Во новинарството отсекогаш ми бил битен јазикот, па јас ги именувам како новинари-порнографи. Тие се занимаваат со јазична порнографија, ним зборот веќе не им е свет, туку оружје, навреда, плуканица...“, додава Митевски, но е уверен дека, сепак, станува збор за мал број такви новинари и оти неправедно се оцрнува сето новинарство.

Оние што добро го познаваат Манчо Митевски, добро знаат дека тој и да сака, не може да минува спокојни пензионерски денови и да се откаже така лесно од професионалниот жар што го поседува.

„Тешко дека ќе можам да седам мирно. Еве и сега додека сум на одмор, пред официјално да заминам во пензија, постојано си запишувам некои мисли што ми остануваат во главата, патишта што не смеат да се изгубат“, вели тој.

Можеби нема да биде толку активен во дневното новинарство, но сигурно нема да се откаже од предизвикот на кој му се препушти последниве години - публицистиката.

„Подготвувам книга околу политичкиот организиран криминал, кој кај нас го има многу, меѓутоа не е којзнае колку обработен. Тука има многу непознатости, а има многу аргументи дека Македонија е преплавена од политички организиран криминал“, открива Митевски.


#
Статијата е прочитана 1298 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Македонија
Живот зависен од сонце и од ветер
Македонец херој во Бугарија
Новата црква во Тетово остана само желба

"""