Живот зависен од сонце и од ветер
Првата хибридна куќа за себе и за своето семејство ја изгради битолчанецот Вангел Адамовски
Битола - Правата хибридна куќа во Македонија ја изгради битолчанецот Вангел Адамовски. За себе и за своето семејство. Вилата, која е лоцирана во подножјето на Баба Планина, во атарот на селото Братиндол, е првиот целосно енергетски независен објект. Кажано со ја��икот на обичниот граѓанин, тоа значи дека Адамовски во иднина нема да плаќа сметки за струја. Во исто време, тоа воопшто не значи дека се решил да се врати на газиените ламби или, пак, на свеќи, туку дека за осветлување, загревање и за работа на електричните апарати во својот дом ќе ги користи сонцето, ветерот и сето она што значи природен извор на енергија.
Адамовски е поранешен вработен во ИМБ Битола, сега технолошки вишок. Вели дека за вградување на новиот систем потрошил без малку 13 илјади евра, со надеж дека вложените средства брзо ќе му се вратат. Тој не само што ги одбегнал трошоците за приклучок на електричната мрежа, кои чинат илјадници евра, туку веќе се ослободил и од плаќање на дебелите сметки за потрошена струја, како и од стравувањата од пораст на цената на електричната енергија.
Хибридната куќа на Адамовски е комбинација на ветро-генераторски, фотоволтаичен и термоколекторски систем. Таа е проект на фирмата „Аресе солушнс“ - Скопје, сопственост на Робин Бојчевски, машински инженер. Она што на прв поглед ќе ви го привлече вниманието на објектот е ветерницата и колекторскиот систем поставен на терасата.
„Оваа хибридна куќа воопшто нема приклучок кон централната дистрибутивна мрежа. Инсталирани се системи што ја користат енергијата од ветерот и од сонцето. На куќата има инсталирано ветерен генератор и фотонапонски системи. Инсталиран е и термален сончев колектор за загревање на водата, што ја зголемува ефикасноста на системот. Тоа значи не само можност за инсталирање систем за греење, туку приклучок и на други апарати што користат топла вода како што е машина за перење или, пак, за миење садови“, објаснува Бојчевски.
„Иако животот во новата хибридна куќа зависи токму од надворешните услови, шансите за нарушување на секојдневјето на нејзините станари се минимални“, вели Бојчевски. Капацитетот на системот ќе биде надополнет со микро хидротурбина. Тоа би значело дека ако нема сонце и ветер, тогаш енергијата ќе се произведува од вода. За таа цел, Адамовски веќе ископал неколку бунари во дворот на вилата.
,,Сонцето неспорно го имаме повеќе од 260 денови во годината. Ако нема сонце, тогаш ја користиме ветерницата. И во случаи кога би имале екстремно лоши временски услови, интензивни снежни врнежи, магла или ниско поставени облаци, системот може да ја задоволи потребата од енергија три дена по ред“, ,наведува Бојчевски.
Системот во новата хибридна куќа има и дополнителна вредност. Тој ќе може да се надгледува и преку интернет. Така ќе знаете со колкава енергија располагаат во секој момент. Што се однесува, пак, до векот на траење на ваквата куќа, од „Аресе солушнс“ потенцираат дека перформансите на производите имаат гаранција од најмалку 25 години.
Ако новата куќа на Адамовски за многумина навидум изгледа како своевидно чудо, хибридните куќи се тренд во повеќе земји во светот. Германија, Кина, Канада, САД се' повеќе преферираат куќи со обновливи извори на енергија, додека, пак, во Шпанија има огромни површини со фотоволтаични панели. (А.Б.) |