Средното стручно ќе трае од една до четири години
Досегашното тригодишно и четиригодишно средно стручно образование од идната година ќе се реформира. Учениците што ќе се запишуваат во средните стручни училишта ќе учат од една до четири години, а ќе има и постсредно образование. Ова се предвидува со новите концепции за средното стручно образование за кои вчера се организираше дебата на која свои забелешки за концепциите даваа и претставници од Сојузот на стопански комори, Занаетчиската комора и синдикатите.
„Овие концепции се носат првпат во Македонија. Последен обид за вакво нешто е направено во 1989 г��дина кога се поставени концепциите за средно образование, но до денес немало никакви промени на концепции“, изјави вчера министерот за образование и наука, Никола Тодоров. Потребата за вакви концепции ја оправда со новите трендови на технолошки развој и компјутеризација, како и можноста со новините да им се помогне на оние што немаат можност да го продолжат образованието.
Со новите концепции се менува и процентот на практичната настава. Па така, досега практиката, која била 15 проценти, се зголемува на 40 проценти.
Според Ласте Спасовски, советник во Центарот за средно стручно образование, со концепциите се менува и бројот на струките, односно наместо досегашните 27, ќе има 14. Како пример посочи дека ако досега постоеле посебно трговска, правна и економска, отсега ќе постои само една струка. (Ж.Х.З.) |