ДПА и ДУИ се скараа за кодошите
ДПА и ДУИ влегоа во своевидна „војна за кодошите“. Партијата на Мендух Тачи го повика пратеникот од ДУИ „кој соработувал со тајните служби“ да си поднесе оставка и најави кривична пријава против лустраторите. Во ДПА се убедени дека „членовите на Комисијата за лустрација криеле факти“. ДУИ се дистанцира од „клеветите на ДПА“ и возврати дека жали за „моралното дегенерирање на челниците на ДПА кои се занимаваат исклучиво со лаги“. Лустраторите, пак, не се плашат од кривични пријави и велат дека досега не утврдиле дека некој соработувал со тајните служби. „Комисијата за лустрација на скандалозен начин со гласање како влада и со седум гласа против фактите се обиде да го спаси пратеникот на ДУИ. Со тоа станаа дел од дневнополитичките пазарења и затоа ДПА ќе поднесе кривични пријави“, изјави портпаролот на ДПА, Љуан Треси. „ДПА се занимава само со лаги. Оваа партија ги има клеветите за политички концепт“, остро одговори координаторот на пратеничката група на ДУИ, Тахир Хани. Претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, рече дека „никој не може да знае како се гласа во Комисијата, бидејќи гласањето било тајно“. (О.В.) |