Број 2781  сабота, 06 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Македонскиот литературен јазик има цврста подлога

Од Охрид потече литературниот словенски збор, околу ова езеро дејствувал Климентовиот универзитет и познатата Средновековна книжевна школа

Трајко Стаматоски


Македонскиот литературен јазик и официјално е утврден во четириесеттите години на минатиот век. Тоа можеше да се стори во слободна земја, од свои официјални органи и со целосна еднодушност на сопствените мисловни сили. Кодификацијата се одвиваше по најнормален тек. На првото заседание на АСНОМ, највисоко државно тело, одржано на 2 август 1944 во се' уште неослободена земја се прогласи македонскиот јазик како службен во македонската држава. По целосното ослободување на земјата се избра комисија од врвни специјалисти и општественици, која требаше да ги прецизира сите поединости сврзани со азбучниот и правописниот систем. Веќе на самиот почеток на мај 1945 беше донесена азбуката, а само еден месец подоцна и правописот. Предлозите на Комисијата за јазик и правопис беа потврдени од соодветните државни органи. Со усвојувањето на азбуката и правописот на македонскиот литературен јазик и се стави крај на стихијноста во писменото изразување на македонски јазик.

Општа е оцената од компетентни личности дека македонскиот литературен јазик доживеа неверојатно брз развој и општ прием.

Многу брзо по официјалното кодифицирање на македонскиот литературен јазик, светската славистика покажа жив интерес за неговото функционирање. Мнозина угледни светски слависти ја посетија нашата земја и се запознаа на самото место со нашата јазична ситуација. Своите импресии и заклучоци тие ги изнесоа во ред информативни прилози во периодиката на своите земји: В. Кипарски ја запозна скандинавската јавност, Х. Лант и даде информации на американската научна јавност во повеќе свои текстови, А. Галис им го доближи македонскиот јазик на норвешките читатели. Истото тоа го сторија и: С.Б. Берштејн , П.Х. Вирет, Ф. Славски, А. Шмаус, В. Пизано и др. Сите тие пишуваат за самостојноста на македонскиот јазик, за „цртите што, пред се, ја определуваат неговата индивидуалност“, за тоа „дека овој литературен јазик е еден јазик нормализиран, а не вештачки, дека литературниот јазик е еден јазик којшто го има превладано фолклористичкиот стадиум“, дека е „навистина чудесна“ активноста со која во Скопје „се култивира основањето на својот национален јазик и се следи неговиот развиток“, дека „заедно со настојувањата да се изучува јазикот и да се решава за неговата граматика, присутен е подем на литературната култура, толку силен и за толку кратк�� време што ние можеме да речеме дека е за чудење“ итн. Како се објаснуваат овие констатации? Што немале доволно предвид сите овие одлични познавачи на процесите на кодификацијата на одделни јазици, кога ги изрекувале овие афирмативни оцени? Македонскиот народ немаше дотогаш своја држава и свој официјален јазик, но Македонија не беше земја изолирана, без никаков контакт со развиениот свет. Преку владејачките режими се остваруваше контакт со нивниот јазик и нивната литература, но и со поразвиените литератури и попрестижни јазици. Во животот во слобода пак, во заедничката држава, нашите творечки сили имаа можност да се угледаат на понапредните републики и нивните народи, а неизбежно и да се вклучат во целокупниот општествен живот и да држат чекор со порано етаблираните. Едноставно, мораше да се учествува и со учествувањето напоредно да се вршат соодветни подготовки.



Пред се, македонскиот јазик ги беше поминал дотогаш сите фази до установување на литературната форма што ги поминале и другите јазици кои ја имале среќата порано да станат и литературни: користење на наддијалектна реч од македонски автори во 19 и 20 век и обиди за кодификација. Едноставно, моделот на литературниот јазик беше во најголема мера веќе оформен и само се чекаше негово официјализирање. Уште во педесеттите години на 19 век Партенија Зографски објави повеќе статии во Цареградски весник и Блгарски книжици, во кои објасни што е потребно да излезе на јаве за да се изгради литературниот јазик. Тој се застапи, природно, за внесување на повеќе елементи од своето наречје „по таа причина что оно е пополнозвучно, поплавно и постројно и в много отношенија пополно и побогато“.

Константин Миладинов, во предговорот кон својот Зборник од народни умотворби (1861) ги изнесе своите гледања за графиската и ортографиската норма на македонскиот јазик, а своите сфаќања за општата норма на литературниот јазик ги претстави аргументирано во преводот Православните црковни братства во Југоисточна Русија од Јоан Флеров (Фљораф), кога мораше да изнаоѓа еквиваленти за богатата руска лексика и решенија за разнообразниот партиципски систем на рускиот јазик.



Ефрем Каранов изградува во седумдесеттите години на 19 век свој (орто)графиски систем за предавање на своите фолклорни материјали од Кратовско и не отстапува од нив по цена и да не бидат објавени во бугарскиот Зборник за народни умотворби. Подоцна, меѓутоа, Шишманов ќе биде присилен да ги прифати ставовите на Каранова, кога овој ќе се јави како рецензент на фолклорните материјали на Марко Цепенков. Каранов ќе биде пречекан со подбив и за преводот на кратовскиот говор на Словото за полкот Игорев и на Мицкјевичевиот Пан Тадеуш. Па зар пред тоа не беше изложен на потсмев и Григор Прличев за некои негови преводи.

А што да се каже за обрасцовата книга „За македонцките работи“ на Крстета Мисирков и неговото прогласување на јазикот на кој е напишана за македонски литературен јазик и особено на аргументацијата изнесена во поглавјето. Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик. И за фактот што неговите погледи за изгледот на македонскиот литературен јазик беа во голема можна мера прифатени и при дефинитивната кодификација на јазикот во слободната земја. Овие негови ставови се градени во македонското Научно и литературно другарство во Петроград, на чиешто чело стоеше угледниот во средината Димитрија Чупоски. Ова другарство ја обзнани, како важен сегмент на својата дејност, македонската национална програма и во својот Устав го прокламира официјално македонскиот јазик како национален јазик во македонската држава, а во рамките на Другарството како задолжителен.



За волја на вистината треба да се каже дека добар дел од овие потфати на македонските лингвистички образовани луѓе не и беа во доволна мера познати во тоа време и на македонската наука, а некои од нив и тукушто се откриваа. Значи, наследена е здрава основа. Сепак, и кај пошироките македонски интелектуални слоеви беше присутно чувството дека борбата за свој литературен јазик има определен континуитет, дека има оформени позиции што укажуваат на изминатиот пат и што јасно водат до конечната кодификација.

Има и редица други фактори што придонесоа за овој непретчувствуван подем на литературната реч. Да потсетиме само на улогата на македонската црква со поттикнувањето на македонскиот творечки дух во многу области: многубројните преводи на црковните книги на народен јазик, неговата употреба во проповедите и другите црк��вни активности, развојот на градителството, фреско-сликарството, резбарството и др. Црквата во многу правци ја преземаше улогата на државата. Јазикот беше зачуван и во услови на забрана на неговата употреба од туѓи управи.

Не помалу е значајно што многу брзо се изгради респектабилна интелигенција во разни области на животот, а особено ентузијазирана стручна кадровска база од областа на јазикот со сопствено гледање на фактите и појавите во својот јазик. Таа база ја претставуваше македонистиката на сите поголеми славистички собири, почнувајќи од Белградскиот славистички состанок во 1955 и многу резултатниот Четврти меѓународен славистички конгрес во Москва во 1958 и на сите подоцнежни, па еве сега да се јави и како организатор на ваква меѓународна средба. Општиот општествен развој се одликуваше со забрзано узревање.

Овие и други претпоставки ја овозможија појавата, неверојатно брзо по кодификацијата, на основоположничките трудови на секој јазик: обемните - Правопис на македонскиот јазик, Граматика на македонскиот јазик, Речник на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик. Голема е среќата што во реализацијата на овие проекти македонската наука за јазикот ја имаше подготовката и визионерството на Блаже Конески.



Воопшто, во ваква ентузијазирана атмосфера мораше да се јават и исклучителни личности. Блаже Конески се пројави како сериозен научник, а истовремено и надарен поет и писател. Тој брзаше да постави маркирни точки во сите области каде што се изразува македонскиот национален индивидуалитет. Не помалу е значајна неговата активност како поет, преведуван на многу јазици во светот, и како препејувач на стихови од Мицкјевич, Хајне, Блок, Његош и др., за што има добиено и престижни награди. Со своето дело, Конески излезе од обрачот на локална вредност и зазеде соодветно место многу пошироко од рамките на својата татковина. Ќе споменам уште дека само во последниве две години за неговото дело се напишани две големи монографии: Трајко Стаматоски, „Мислата на Блаже Конески“, Нуло Миниси, „Блаже Конески - поет и граматичар и типологијата на македонскиот јазик“. Во нив се открива колку Блаже Конески се нурнал длабоко во македонството...

Македонската литература бележи ислучителен развој во сите книжевни родови и жанри. Да го споменам само подемот на македонската поезија и нејзиниот углед во светот. Нашиот меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура пак, одигра извонредна улога во ширењето на македонското духовно творештво. Тој годинава влезе во петтата деценија на своето одржување.

Во најновиот период на својот развој, македонскиот јазик е изложен на предизвикот на глобализацијата на општ, па и на јазичен план што реперкуира непретчувствуван наплив на зборови и изрази од англосаксонското јазично подрачје. Влијанието на јазиците во контакт порано се изразуваше преку циркулација на кадри и печат, а денеска тоа се врши и преку разни видови и други врски, особено преку електронските медиуми и многујазичноста присутна на ТВ-екраните и немоќта пред брзата комуникација. Реакции на овие појави има од разни страни: од струката, но и од обичниот човек...

Доделувањето на организацијата на овој голем славистички собир го оценуваме како уверлив знак на односот кон македонскиот јазичен идентитет и на резултатите што ги има постигнато македонистиката најшироко сфатена. Од овие простори потече литературниот словенски збор, дека околу ова Езеро дејствувал Климентовиот универзитет и познатата Средновековна книжевна школа. Во меморијата на народот таа активност добро се чувала низ вековите па се до ден денешен. Според тоа, нашиот јазик никако не може да биде конструкт, туку само јазик со цврста подлога.

 


Статијата е прочитана 481 пати.

Испрати коментар

Од: Фато
Датум: 06.09.2008 03:08:55
Чичко Трајко, Вашиот правопис ми е во чанта цело време, дури и на неколку илјади километри од Македонија. Убаво е што велите дека “јазикот не е конструкт“ но знаете ли кои се активностите на лингвистите во светот коишто придонесуваат кон афирмирање на еден јазик? Еден век не можете да издадете речник, еден век немате ниту една современа гранка од лингвистиката како прагматика, социолингвистика, реторика итн. Наместо тоа, помпезни изјави! Не требаат веќе : Крсте Петков Мисирков ја заврши цела работа кога ги направи неговите изјави : време е за творештво оти Виктор Фридман е на светлосни години пред сите вас во МАНУ.
Од: makedonka
Датум: 06.09.2008 15:47:52
Da go sakame,neguvame,chuvame i pochituvame sekogash i sekade nashiot ni jazik makedonski-so srce
Од: Balkanets
Датум: 08.09.2008 02:10:21
Cirkuzanti !

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Турскиот театар се враќа на локацијата кај железничка
Премиера на „Птици“ во Велешки театар