Турскиот театар се враќа на локацијата кај железничка
Министерот без ресор Хади Незири, задолжен за проектот, се согласил градбата на театарот да продолжи на старата локација
Лилјана Митевска
Турскиот театар ќе се гради на старата локација, на просторот околу новата железничка станица. Ова е решението донесено во Министерството за култура, по средбата меѓу министерката Елизабета Канческа Милевска и министерот без ресор во Владата на РМ, Хади Незири, задолжен за овој проект.
„На средбата на која присуствуваа и претставници од правниот сектор на министерството, беше донесен став да се информира Владата изградбата на театарот да продолжи на локацијата кај старото балетско училиште околу новата железничка станица за кое веќе има и идејно решение. На средбата беше поканет и авторот кој победи на конкурсот за идејното решение, архитектот Виктор Михајлов, кој се согласи да го изработи и главниот и изведбениот проект. Сега ја чекаме одлуката на Владата по што ќе може да се продолжи со процесот за изградба на Турскиот театар“, вели министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Иницијативата за изградба на Турскиот театар, кој во моментов ги дели просториите на Театарот на народностите заедно со Албанскиот театар, потекна во времето на министерот Благоја Стефановски. До крајот на неговиот мандат, се реши проблемот со новата локација на Турскиот театар, односно Министерството за одбрана ги отстапи просториите кај старото Балетско училиште кај новата железничка, беа решени имотно-правните односи и проектот беше доведен до фаза на изработка на идејно решение.
Но, по смената на политичката гарнитура и со доаѓањето на Наџи Шабан на местото на Атила Клинче, за нов директор на Турскиот театар, работите попримија надолен тек. Шабан тврдеше дека нема никаква документација за локацијата на новиот Турски театар, а воедно се проширија гласините дека просторот кај железничка станица не се преферира бидејќи во околината не живее турско население. По извесно време, со поранешниот министер без ресор, Аднан Ќахил, кој го доби задолжението од Владата да го води проектот, раководството на Турскиот театар излезе со иницијатива за нов проект за Турскиот театар, кој би бил лоциран на Бит пазар, зад универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на местото на старото турско училиште „Тефејуз“, а во чиј склоп би функционирало и училиште за средно и основно образование, како и културен центар, сето ова за задоволување на потребите на локалното турско население. Но, за овој проект одново ќе требаше да се врши испитување на имотно-правните односи и целата легална процедура која веќе еднаш беше извршена за локацијата кај железничка, а сето тоа логично ќе ги чинеше граѓаните на Македонија дво��но.
Согледувајќи ги околностите Министерството за култура сега го враќа проектот на првобитната локација. „Министерот без ресор, Хади Незири, се согласи со локацијата, така што сега, по информирањето на Владата следи склучување на договор со авторот на идејното решение Виктор Михајлов за изработка и на главниот и изведбениот проект. Потоа следи објавување на тендер за ревизија и на крајот тендер за градба“, објаснува министерката Милевска.
Турскиот театар е дел од капиталните проекти во културата планирани да бидат изградени до 2010 година кои директно се финансираат од буџетот на Владата. По изградбата на Турскиот театар, зградата на Театарот на народностите целосно ќе му биде отстапена на Албанскиот театар. |