Премиера на „Птици“ во Велешки театар
ВЕЛЕС - Со премиерата на претставата „Птици“ од Аристофан, во режија на Стојановски, утре во 20 часот Велешкиот театар ќе ја отвори новата сезона. Претставата, иако напишана пред две илјади години, ги отсликува општествените појави кои ни малку не се разликуваат од она што денеска ги окупира граѓаните. Во неа, Аристофан се обидува да се потсмее со некои појави на тогашното општество. Режисерот Стојановски за прв пат го работи Аристофан, за кој смета дека е автор со исклучително политички аспирации кој располага со рационален пристап кон сите политички случувања во општеството и кој, на некој начин, се обидува да ги пронајде лажните вредности и заблуди во кои секојдневно живееме.
„Во претставата имаме личност која е претставена како водач на птиците и ги поведува во поход против боговите, за да се смени комплетниот распоред во светот, она што е доле да биде горе и она што не го можат титаните против боговите, можат чавките, ветрушките, утките“, вели Стојановски. Улогите во оваа премиерна претстава ги толкуваат актерите: Зоран Љутков, Кирил Гравчев, Едмонд Сотир, Кети Борисовска, Роберт Ристов, Зорица Панчиќ и други. Сценографијата е на Дејан Трипиновски, а за костимите е задолжена Тања Медарова-Стојановска. (С.Ќ.Н.) |