Маратонците тргнаа во 6,20 часот од Нова Градишка

Вчераутро, во 6,20 часот, точно во времето во кое пред една година настрада Тоше Проески во сообраќајна несреќа во близина на Нова Градишка, од стадионот на НК Слога во Нова Градишка, Хрватска, стартуваше најавениот ултрамаратон во чест на Тоше Проески, со учество на 26 македонски маратонци, кои поделени во четири групи ќе трчаат без прекин 80 часа на релација Нова Градишка – Крушево. Непосредно пред стартот на маратонот, беа пуштени 26 бели гулаби кои ги симболизираат годините на Тоше.
„Од една страна, жално е што изгубивме таква икона, но, од друга страна, барем јас така гледам на тоа, добивме поврзување на младите генерации и тоа е она што само може да се посака. Она што го направи Тоше во поврзувањето на младите генерации на подрачјето на државите од бившите ЈУ-простори не би можеле да го направат ниту 20 амбасади“, рече Данчо Марковски, амбасадор на РМ во Хрватска. „Тоше го завршуваше секој свој концерт со зборовите: ’Сакајте се, сите ве сакам. Се гледаме в година‘. Се надевам дека исто како и оваа негова порака, маратонот ќе стане традиција и ќе се видиме овде в година“, порача Марковски на стартот на маратонот.
На испраќањето на маратонците, покрај македонскиот амбасадор и неговиот заменик Стојан Руменовски, беше присутен и градоначалникот на Нова Градишка Даворин Силушиќ, а непосредно пред стартот пристигна и загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ.
Завчера, пак, околу 20 часот во хотелот „Крал Томислав“ во Нова Градишка се одржа и комеморација во чест на Тоше, а двајца локални гитаристи ја изведоа македонската тема „Зајди, зајди“. На крајот на комеморацијата беше пуштена и ексклузивна аудиоснимка на „Игри без граници“ во акапела изведба на машката пејачка група ХКУД „Крамариќ“, додека на стадионот на НК Слога беа положени венци и запалени свеќи.
Лампионите во форма на срце поставени на атлетската патека сведочеа за харизмата на пејачот чија популарност не бледее. |